Истрели и експлозии одекнуваат во Ростов на Дон откако платеничката војска Вагнер го зазеде рускиот град на југот на земјата.

На социјалните мрежи се објавени видеа на кои се гледа како луѓето панично бегаат, наводно поради експлозија што се случи неколку минути претходно.

Во штабот на Јужниот воен округ во Ростов на Дон, кој бил опколен од борците на групата Вагнер, се слушнала силна експлозија, јавува дописникот на РИА Новости од местото на настанот.

Според руската агенција, силна експлозија, се слушнала на раскрсницата на Буденовскиот проспект и улицата Пушкинска, каде што се наоѓа штабот на Јужниот воен округ.

Очевидци јавуваат и за неколку истрели во воздух од автоматско оружје.

Во меѓувреме беа објавени и видео снимки на кои наводно се гледаат чеченските војници на пат кон Ростов.

Гувернерот на руската област Ростов, која граничи со Украина на исток, ги повика жителите да останат во своите домови, објави во саботата Би-Би-Си, откако Пригожин рече дека со своите борци преминал од Украина во Русија.

-Сегашната ситуација бара максимална концентрација на сите сили за одржување на редот“, напиша Василиј Голубев на Телеграм.

-Ги молам сите да останат смирени и да не ги напуштаат своите домови непотребно“, рече Голубев.