Најмалку пет лица се повредени при уривање на четирикатница во центарот на Марсеј, а според градоначалникот тој број може да биде поголем.
Марсеј е вториот по големина град во Франција.
Зградата се урнала со силна експлозија четириесетина минути по полноќ, по што во урнатините избувнал пожар, што ги отежна спасувачките напори.
Шефот на полицијата на оваа област на југот на Франција, Кристоф Мирман, изјави дека постојат силни сомневања дека уривањето на зградата е предизвикано од експлозија, но оти засега треба да се биде многу внимателен околу утврдувањето на причината за несреќата, додавајќи дека гасот може да биде уште една можност.
– Треба да се подготвиме дека ќе има жртви во оваа страшна драма, предупреди градоначалникот на Марсеј, Беноа Пајан. Пет лица се повредени и во соседните згради.
И покрај тешкотиите, спасувањето продолжува со голем број луѓе. Затворен е целиот сектор околу зградата, како и неколку улици. Во спасувањето учествуваат повеќе од 100 пожарникари, полицајци и припадници на јавната безбедност.