Шефот на израелската дипломатија, Ели Коен, денеска изјави дека Франција може да одигра клучна улога во спречувањето на потенцијалната сеопфатна војна меѓу Израел и терористичката група Хезболах, чие седиште е во Либан, јави „Тајмс од Израел“.
– Франција би можела да одигра позитивна и значајна улога за да спречи војна во Либан, рече Коен на заедничкиот брифинг со француската министерка за надворешни работи Кетрин Колона, која од денеска се наоѓа во посета на Израел.
Израел долго време наведува дека терористичката група Хезболах, која е директно поддржана од Иран, мора да биде истерана северно од реката Литани.
Резолуцијата 1701 на Советот за безбедност на ОН, која во 2006 година стави крај на Втората либанска војна, му забрани на Хезболах да одржува воено присуство јужно од Литани, што се наоѓа на околу 30 километри (18 милји) северно од израелско-либанската граница.
Хезболах грубо ја прекрши оваа резолуција и редовно изведува напади врз Израел од близина на границата.
Израел предупреди дека веќе нема да го толерира присуството на терористичката група долж северната граница, откако околу 3.000 терористи на Хамас упаднаа на границата од Појасот Газа на 7 октомври.
Од тој датум, борци на Хезболах речиси секојдневно ги напаѓаат израелските заедници во кибуците и воените пунктови долж границата, пренесе „Тајмс оф Израел“.