Владата набавува златни чинии и лажици за пионот Ковачевски, а во исто време народот нема леб да јаде, се истакнува во денешната реакција од ВМРО-ДПМНЕ.
– Додека инфлацијата го јаде стандардот на народот, додека поскапуваат цените на лебот, маслото, шеќерот, додека поскапува цената на струјата и парното, додека граѓаните плаќаат милиони евра за приватни ковид тестови, главен приоритет на заевизмот е да обезбеди луксузен кујнски прибор за пиунот Ковачевски. Па така однародената власт на Заевизмот набавува чинии од 88 евра по парче, лажици од 10 евра по парче, кристални чаши во време на економска, енергетска и здравствена криза, се вели во соопштението.
Ова, се додава во реакцијата, е уште еден показател дека елитата на СДСМ секогаш јадела со златни лажици додека народот едвај врзувал крај со крај.
-Така беше и во време на транзицијата и криминалната приватизација, така е и сега. Впрочем и самиот Димитар Ковачевски е дете на таа елита од транзицијата. Ова мора да престане. Заевизмот мора да биде поразен на предвремени парламентарни избори бидејќи заевизмот е најголемиот проблем на народот, се вели во соопштението од опозициката партија.