Во директното телевизиско обраќање до нацијата, францускиот претседател Емануел Макрон, осврнувајќи се на ситуацијата во Авганистан, нагласи дека „Авганистан не смее уште еднаш да стане светилиште за тероризмот како што беше“, јави дописникот на МИА.
Ова е „историска пресвртница неколку илјади километри одовде“. Еден ден по заземањето на власта од страна на Талибанците во Кабул, Емануел Макрон од Форт Брегансон, им се обрати на Французите, но и на „авганистанскиот народ со кој нашите врски на пријателство се стари и длабоки“. „Последиците ќе бидат големи за целата меѓународна заедница, за Европа, за Франција“, рече тој.
Додека ситуацијата брзо се влошува во Авганистан, потребни се според францускиот претседател „итни одлуки и иницијативи“. Како „апсолутен“ приоритет се наведува безбедноста на француските државјани, како и онаа на „Авганистанците кои работеа за Франција“. По доаѓањето во Франција на околу 625 Французи од јули, извршната власт известува дека „десетици Французи“ се уште се присутни на територијата. „Во контакт сме со сите Французи кои сакаат да се вратат на националната територија “, увери Макрон. Два воени авиони, придружувани од специјални сили, треба да бидат ставени на располагање „во следните неколку часа“.
Првиот авион веќе пристигна во текот на ноќта во Кабул.
Потоа се поставува прашањето да им се помогне на „многуте луѓе од авганистанското граѓанско општество над кое сега има закани поради нивната посветеност“. Новинарите, бранителите на правата, па дури и уметниците ќе бидат добредојдени „колку што можеме“. „Чест на Франција е да застане покрај борците за слобода“, додаде Емануел Макрон.
-Дестабилизацијата на Авганистан, исто така, ризикува да предизвика нерегуларни миграциски текови кон Европа, призна тој, додека предупредувањата за можна миграциска криза се бројни кај десницата и крајната десница. За да се соочи со тоа, Франција „ќе продолжи да ја извршува својата должност“ и „ќе го преземе својот целосен удел во рамките на организиран и фер меѓународен напор“.
Шефот на француската држава ги резервираше своите последни делови од излагањето за здравствената криза, одбраната на „вредностите“ и „принципите“. Присуството на француски војници во Авганистан, поттикнато од Жак Ширак во 2001 година и прекинато од Никола Саркози во 2011 година, а потоа и Франсоа Оланд во 2014 година, е опишано како „фер борба“, спроведена со „чесно “, која „ еден ден ќе вроди со плод “.
-Насекаде, воспоставувањето кредибилни политички процеси е приоритет, рече Емануел Макрон. „Токму овој фундаментален принцип на нашата надворешна политика го применивме во Авганистан“.
Во спомен на 90-те француски војници кои го загубија животот на авганистанска територија, претседателот на Франција им оддаде почит „на оние што се бореа, на семејствата на загинатите или тешко повредените“.
За да се продолжи оваа борба „против опскурантизмот“ и „за слобода“, затоа акцијата на Франција треба да продолжи да го прави „исламистичкиот тероризам во сите негови форми“ главен непријател.
-Авганистан не смее уште еднаш да стане засолниште за тероризмот како што беше некогаш. Тоа е удел за меѓународен мир и стабилност против заедничкиот непријател, тероризмот и оние што го поддржуваат, предупреди Емануел Макрон.
-Предизвиците со кои ќе се соочат Авганистанците во следните недели и месеци се страшни и огромни. Ние Французите сме во состојба да го разбереме. Ние, за кои беа потребни векови борба, грешки, напредок и неуспеси да се изгради нација во согласност со најголемите човечки надежи. Знаеме колку овие борби секој ден треба да започнат одново, додаде тој.
Гарантирајќи ја својата поддршка за „авганистанското граѓанско општество“, Емануел Макрон конечно го увери авганистанскиот народ, а особено жените, за нивното „право да живеат во безбедност, слобода и достоинство“.
-Судбината на Авганистан е во неговите раце, но ние ќе останеме, братски, заедно со Авганистанките, заклучи тој.