Белорусија од идниот месец ќе воведе ембарго за стоки од земји кои водат непријателска политика кон Белорусија, соопшти прес-службата на Советот на министри на Белорусија.
Според декретот на белоруската Влада објавен денеска, забраната за увоз се однесува на одредени стоки од ЕУ, САД, Канада, Норвешка, Албанија, Исланд, Велика Британија, Црна Гора, Mакедонија и Швајцарија, пренесе агенцијата ТАСС.
– Имајќи ги предвид континуираните обиди на колективниот Запад за незаконски санкционен притисок врз нашата земја, Белорусија презеде соодветни мерки. Според одлуката донесена од Владата, ембаргото за храна ќе биде воведено од 1 јануари 2022 година во однос на широка листа на стоки произведени во земји кои спроведуваат дискриминаторска политика и вршат непријателски дејствија против нашата земја, се наведува во соопштението.
Белорусија од овие земји увезла храна во износ од над 530 милиони долари за 10 месеци годинава, соопшти белорускиот Совет на министри.
Пет европски земји, на почетокот од оваа година, се приклучија на санкциите на ЕУ против Белорусија, меѓу кои се наоѓа и Македонија.
Земјите-кандидати: Македонија, Црна Гора и Албанија, како и Исланд и Норвешка, кои се дел од Европската економска област, се приклучуија на одлуката на Советот на Европа.