Градот нема надлежност за регулирање на сообраќај, МВР да си ја врши професионално својата работа, се истакнува во реакцијата од Град Скопје на вечерашното соопштение од МВР за тоа кој е надлежен за регулирање на сообраќајот и метежот во градот, каков што имаше вчера попладне.

– Градот Скопје реагира на изнесените невистини во соопштението од страна на Министерството за внатрешни работи и уште еднаш бара одговори за денешното исклучување на семафорите од страна на сообраќајната полиција која е под надлежност на МВР и предизвикување на сообраќаен хаос во градот. Јасни се надлежностите на Градот и на Центарот за управување и контрола на сообраќајот, кој служи исклучиво за мониторинг на сообраќајот во градот. Градот Скопје ниту има надлежност за регулирање на сообраќај, ниту пак има надлежност во регулирање при сообраќајни несреќи. Денешниот ден е доказ дека граѓаните се жртва секогаш кога институциите, а во случајов МВР не си ја вршат својата работа. Град Скопје тоа нема да го дозволи и ќе бара одговори и одговорност, се вели во одговорот од Град Скопје до МВР.

Како што објавивме претходно, МВР соопшти дека „тие не се надлежни за регулирање на метежот во сообраќајот“ туку „Град Скопје и градоначалничката Данела Арсовска“.

Ова соопштение од МВР наиде на остри реакции во јавноста што може да се види од бројните коментари на социјалните мрежи.