Ноќеска еден час по полноќ, иако немаше коледарски огнови на отворено, за кои заменик министерот за екологија Јани Макрадули неодамна откри дека беа загадувачи, Скопје бил на првото место меѓу градовите со најголемо аерозагадување во светот.
Според мерењата на Специјализираната интернет страница за следење на воздухот „Ер вижуал“, индексот на загадување во Скопје, во еден часот по полноќ бил 430. Со тој индекс на загаденост, Скопје бил на врвот на листата, а веднаш по него биле градови од Индија, Пакистан и Бангладеши. На петтото место на листата е главниот град на Косово – Приштина.
Поради високата загаденост, Град Скопје објави неколку препораки до граѓаните: да се избегнува користењето на возила или да се споделува превозот, да се избегнува седење на отворено, да не се горат штетни материјали, како и да се чистат оџаците.
Макрадули, како што пишувавме, пред десетина дена го откри виновникот за загадувањето на воздухот во Скопје. Тоа беа, според откритието на Макрадули, бадникарските огнови.
– Од вечерниве огнови може да заклучиме нешто. Очигледно не треба да се има дилема кој најмногу придонесува во создавањето на ПМ честичките. И каде треба да се бара решението. А тоа е замена на греењето со дрва и други додатоци во нив. Затоа брзо ќе отвориме повик за замена на греењето со дрва заедно со дефинирање на зони на ниска емисија, реагираше тогаш Макрадули на својот Фејсбук профил.
Тој објави графикони на загадувањето и „откри“ дека бадникарските огнови неколкукратно го зголемиле загадувањето на воздухот во Скопје.
Како што може да се забележи, пишуваат поддржувачите на „откритието“, во 17 часот пред палењето на огновите, концентрацијата е речиси на нула, но во 22 часот таа достигнува од зелено, кон жолта или над максимално дозволената.