Англија вечерва пред 60.000 гледачи на стадионот „Вембли“ во Лондон ја совлада Данска по продолженија со 2:1 (1:1) и избори финале на Европското првенство против Италија.

Англија офанзивно го почна второто полуфинале на ЕУРО2020, но откако го издржа почетниот притисок Данска воспостави контрола на теренот и прва дојде во водство со прекрасен гол од слободен удар на Микел Дамсгард во 30 минута.

Англичаните ја анулираа негативата девет минути подоцна со автоголот на данскиот капитен Симон Кјаер.

Второто полувреме не донесе голови на „Вембли“, а Англија направи целосен резултатски пресврт во последната минута од првото продолжение. Каспер Шмајхел најпрво го одбрани ударот од белата точка на Хари Кејн, но англискиот капитен прв стигна до одбиената топка и во вториот обид го совлада данскиот голман.

Противник на Англија на 11 јули на „Вембли“ ќе биде Италија, која вчера на пенали ја елиминира Шпанија.