Челниците на УЕФА денеска со претставниците на 12. европски градови домаќини на претстојното Европско првенство разговараа за оперативни прашања поврзани со организација на завршниот турнир од 11 јуни до 11 јули.

Првиот човек на Европската фудбалска асоцијација (УЕФА) Александар Чеферин по редовниот оперативен состанок ја повтори определбата за одржување на ЕП според првичниот план.

– УЕФА се обврза да одржи ЕП во 12 првично планирани градови. ЕП е кровно натпреварување на репрезентациите во Европа и е важен извор за финансирање на развојот на фудбалот, изјави Чеферин.

Околу можноста ЕП да се игра пред публика, Чеферин истакна дека е важно на домаќините, на локално и државно ниво, да им биде дадено доволно време да формираат јасна слика што ќе се случува во јуни и јули

– Навивачите се важен дел од тоа што фудбалот го прави посебен, а тоа за ЕП важи подеднакво како и за кој било натпревар. Мораме да си дозволиме максимален простор да овозможиме нивно враќање на стадионите, додаде претседателот на УЕФА.

Претстојното ЕП треба да се одржи во 12 европски држави, а како градови домаќини се избрани Амстердам, Баку, Билбао, Букурешт, Будимпешта, Копенхаген, Даблин, Глазгов, Лондон, Минхен, Рим и Санкт Петерсбург.

Македонската репрезентација својот премиерен настап на ЕП треба да го има во Букурешт против Австрија и Украина, по што треба да се пресели во Амстердам за натпреварот против Холандија.