Министерството за здравство прогласи епидемија на морбили или мала сипаница на подрачјето на Град Скопје, откако претходно биле регистрирани 12 нови лица заразени од оваа болест. Сите 12 новозаразени лица не биле вакцинирани, станува збор за деца на возраст од осуммесечна возраст, но и возрасни со 32 и 47 години.
Од 12-те нови случаи, шест се потврдени, а другите шест имаат типична клиничка слика. За нив од Министерството дополнителни информации најавија за утре.
Како дел од мерките што денеска на прес-конференција ги најави министерот за здравство Венко Филипче, се задолжителната вакцинација на невакцинирани деца со МРП, како и дека од утре стапува на сила забрана за носење невакцинирани деца во градинките.
-Работата ја имамаме под контрола. Се прават увиди во сите вакцинални пунктови на невакцинираните деца, иако тоа го почнавме пред две недели, за жал од вкупно 15.000 невакцинирани деца со повиците од вакциналните пунктови само 310 се вакцинирале што е исклучително мала бројка, изјави Филипче.
Билјана Данаиловска, епидемиолог од Центарот за јавно здравје Скопје информира дека практично ако го сумираме бројот на заболени во текот на изминатиов месец од 19.12.2018 година кога се појави епидемија на локално ниво во населба Радишани досега имаме регистрирани 19 случаи, од кои 13 се докажани и шест сомнителни за кои чекаме лабораториско потврдување во текот на утрешниот ден.
-Како една од најважните против епидемиски мерки е вакцинацијата на невакцинираните лица, деца, возрасни и некомплетно невакцинираните и со прогласувањето на епидемија практично се проширува возрасната граница на вакцинација не од 12 месечна возраст, туку од шест месеци, односно девет месеци па се до 45 години, рече Данаиловска.
Таа додадае дека од потвредените случаи во Скопје имаат регистрирано три случаи во општина Бутел, и по еден случај во општинините Кисела Вода, Гази Баба и Аеродром, додека од сомнителните случаи два во општина Аеродром и по еден случај во општините Бутел, Центар и Ѓорче Петров.
Доктор Жарко Караџоски од Институт за јавно здравје истакна дека не може да се очекува да се има добар опфат ако имаме во народот анти-вакцинална кампања од лица што се некомпетентни, нестручни кои пропагираат некаква замисла дека детето треба да прооди и да прозбори па дури тогаш да се вакцинира, што е, како што рече, медицински неоправдано.
Доктор Караџоски информира дека родителите кои нема да ги вакцинираат своите деца ќе бидат казнети од 350 до 650 евра.
Доктор Сања Петрушевска Маринковиќ од Инфективната клиника рече дека во моментот во нивната клиника имаат хоспитализирани осум пациенти со јасна клиничка слика на морбили, шест од нив се потврдени, додека кај двајца чекаат лабораториско потврдување. Таа наведе дека сите пациенти се со компликација, а најголем дел од нив се со бронхопневмонија како најчеста компликација.