Косовскиот Национален институт за јавно здравје и Болничко-клиничката универзитетска служба денеска соопштија дека во Косово моментно е присутна епидемија на сезонски грип, за што е формиран Комитет за справување со болеста, јави МИА од Приштина.
Комитетот на својата прва седница објави дека од 1 октомври, па до денеска во Националниот институт за јавно здравство се регистрирани 29.938 заболени од грип, 4.719 случаи на акутна инфекција на респираторниот систем и 43 случаи на тешка акутна инфекција на респираторниот систем.
Забележани се и потврдени четири смрттни случаи од свински грип (АХ1Н1) и шест смртни случаи предизвикани од вирус на инфлуенца тип А.
Косовското Министерство за образование, наука и технологија им препорача на сите предучилишни и училишни, приватни и државни, установи во кои учениците имаат симптоми на грип (висока температура, замор, болки во грлото, мачнини, главоболки, болки во абдоменот и мускулите) да ги избегнуваат контактите со здравите ученици и да останат дома, под лекарски надзор.