Претседателот на Турција Реџеп Таип Ердоган, чија земја прими повеќе од 4 милиони бегалци, се закани дека ќе пушти нов бран емигранти кон Европа ако не добие поголема меѓународна помош.
Повеќе од 3,6 милиони од бегалците во Турција се Сиријци, па Анкара бара во Сирија да се воспостави „безбедносна зона“ за тие да можат да се вратат.
– Ако тоа не се случи, ќе мора да ја отвориме вратата. Или ќе ни помогнете, или ако не го направите тоа, жал ми е, но постојат граници до кога може да трпиме, рече Ердоган во емисија на ТВ во Анкара.
Тој побара да се воспостави безбедносна зона:
– Предлагаме воспоставување безбедносна зона. Ако тоа го направиме, тоа ќе ѝ помогне на Турција, додаде Ердоган.
Турскиот претседател предупреди и на состојбата во Идлиб, сириската покраина покрај турската граница во која живеат 3 милиони луѓе кои се на мета на бомбардирања на власта во Дамаск и од каде сѐ поголем број авганистански емигранти влегуваат во Турција.
– Немавме доволно голема поддршка и ќе мора да го направиме тоа за да ја добиеме, додаде Ердоган.
Тој потсети и тоа дека Турција потрошила 40 милијарди долари, а од Европската Унија добила едвај 3 милијарди евра за прифаќање на сириските бегалци.
Турција и ЕУ во 2016 потпишаа договор кој предвидува враќање во Турција на оние емигранти кои нелегално влегле во Грција, во замена за финансиска помош од 6 милијарди евра на Анкара.
– ЕУ до денес исплати 5,6 од одобрените 6 милијарди евра, одговори портпаролката на Европската комисија Наташа Берто, ветувајќи го остатокот „наскоро“.