Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека нема да ја поддржи кандидатурата на Шведска за членство во НАТО по саботниот протест во Стокхолм, кој вклучуваше палење на копија од Куранот
Протестот во шведскиот главен град ги зголеми тензиите со Турција во време кога на нордиската земја ѝ е потребна поддршката на Анкара за да се приклучи на воената алијанса.
Анкара е под зголемен притисок од шведските и финските претставници, како и од генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, да го одобри влезот Шведска и Финска, со кои Турција потпиша трилатерален меморандум за време на самитот на НАТО во Мадрид во јуни минатата година.
Двете нордиски земји ветија дека ќе ги решат безбедносните барања поставени од Турција, имено присуството на курдски организации во Шведска за кои Анкара тврди дека се поврзани со Курдистанската работничка партија (ПКК). Турција, ЕУ и Вашингтон уште претходно ја прогласија ПКК за терористичка група.
„Оние кои дозволуваат вакво богохулење пред нашата амбасада (во Стокхолм) веќе не можат да очекуваат наша поддршка за членство во НАТО“, рече Ердоган по денешната владина седница. Тој ги критикуваше шведските власти што на прво место дозволија протестот да се одржи пред турската амбасада во Стокхолм, пишува Гардијан.
„Ќе дозволите терористичките организации да дивеат и потоа ја очекувате нашата поддршка за влез во НАТО. Тоа нема да успее. Ако Шведска не покаже почит кон Турција или муслиманите, тогаш тие нема да видат ништо од нашата поддршка за НАТО“, заклучи Ердоган.