Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган смета дека ОН треба да го укинат правото на вето во Советот за безбедност и дека пандемијата на Ковид-19, енергетската криза, нарушувањата во синџирите на снабдување и регионалните конфликти покажаа дека „препуштањето на решавањето на глобалните кризи на волјата на неколку престолнини“ повеќе не е во согласност со реалноста.

„Прилагодувањето на глобалните механизми за донесување одлуки на современите околности повеќе не може да се одложува. Советот за безбедност на Обединетите нации се уште ја одразува структурата на периодот по Втората светска војна. Поефикасен, фер и одговорен пристап кон претставувањето стана императив. Ова бара не само проширување на претставувањето, туку и фер распределба на раководните одговорности“, нагласи Ердоган во колумна за Блумберг.

Ердоган додаде дека „искуството, капацитетот и волјата на различните региони“ мора да бидат вклучени во напорите за решавање на глобалните и регионалните предизвици.

„Неопходно е потребата од реформи да се преведе во конкретен патоказ. Во центарот на тој патоказ треба да биде укинувањето на привилегијата за вето“, смета турскиот претседател.

Според неговиот предлог, Советот за безбедност повеќе нема да има постојани членки, туку сите земји-членки на тоа тело ќе бидат избирани од Генералното собрание за одреден мандат. Земјите што би сакале нов мандат ќе мора повторно да ја обезбедат поддршката од мнозинството членови на ОН.

Ердоган верува дека само зголемувањето на бројот на постојани членови нема да го реши основниот проблем, бидејќи моќта за донесување одлуки сè уште ќе остане концентрирана во рацете на ограничен број држави.