Северна Кореја денеска објави дека нејзините најнови ракетни тестови вклучуваат нов систем на оружје од „големо значење“, додека фотографиите од лансирањето покажуваат хиперсонично оружје.
Севернокорејскиот претседател Ким Џонг Ун изјави дека развојот на оружјето ќе ја зајакне воената подготвеност на земјата и ќе им даде на нејзините непријатели „неизлечива главоболка“, објави Севернокорејската агенција КЦНА.
Јужнокорејската армија во неделата, во период од три часа, регистрираше дека Северна Кореја испалила две ракети со краток дострел на источниот брег во близина на Вонсан.
Генералштабот на јужнокорејската армија објави дека ракетите летале околу 450 и 600 километри во правец на морето, додека јапонската војска соопшти дека паднале во водите на ексклузивната економска зона на земјата.
Лансирањето беше последното во серијата демонстрации на ново севернокорејско оружје, дури и откако американскиот претседател Доналд Трамп ги намали заедничките воени вежби со Јужна Кореја во август во обид да ја заживее дипломатијата со Ким, кој ги нарече таквите вежби обиди за инвазија.
Сестрата на Ким и висок функционер, Ким Џо Џонг, ја отфрли понудата на Трамп, велејќи дека скратувањето на вежбата нема да ја промени нејзината „провокативна, агресивна природа“.
Јужнокорејскиот претседател, Ли Џе-Мјунг, денеска изрази надеж дека обновувањето на дипломатските односи меѓу Вашингтон и Пјонгјанг би можело да придонесе за продолжување на дијалогот меѓу двете Кореи.
Тој повика на практичен пристап кон денуклеаризацијата на Северна Кореја, што се спроведува чекор по чекор, со понуда за стимулации за Пјонгјанг да напредува и да го елиминира своето нуклеарно оружје.




