Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган денеска во Анкара се сретна со палестинскиот претседател Махмуд Абас, со кого разговараше за најновите случувања на палестинските територии, како и за билатералните и регионалните прашања.
По билатералната средба, Ердоган и Абас одржаа заедничка прес-конференција, на која турскиот претседател го критикуваше Израел за односот кон Палестинците и ја потврди цврстата поддршка на Анкара за палестинската кауза.
– Геноцидната влада на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху продолжува со своите незаконски дејства на Западниот Брег и во Ерусалим пред очите на целиот свет. Во исто време, и натаму се поткопува постоењето на суверена палестинска држава. Невозможно е тоа да се игнорира и да останеме рамнодушни кон ова прашање – изјави Ердоган.
Тој нагласи дека „поддршката за Палестина претставува заедничка одговорност на целото човештво“, а особено на исламскиот свет.
– Турција со сите сили и на сите можни платформи ќе продолжи да ја брани палестинската кауза. Решително ќе се бориме за создавање независна и географски обединета палестинска држава со главен град Источен Ерусалим, врз основа на границите од 1967 година – порача Ердоган.
Палестинскиот претседател Абас последен пат ја посети Турција во август 2024 година, кога оствари средба со Ердоган и се обрати пред турскиот Парламент. На дневен ред на тогашната посета беа напорите за прекин на огнот и за доставување хуманитарна помош за Појасот Газа.




