Премиерот во заминување Зоран Заев, кој неколку месеци поднесува оставка и ја одложува, синоќа вети дека оставката на премиерската функција ќе ја поднесе во текот на наредната недела.
Заев откако синиќа му ја предаде партиската фотелја на неговиот наследник Димитар Ковачевски на чело на СДСМ, изјави оти очекува неговиот наследник Ковачевски да биде идниот премиер, а прв негов успех да биде добивање датум од ЕУ.
– Овие денови завршуваме со консултациите со коалициските партнери. Тоа што можам да го кажам е дека се заокружуваат важни процеси и програмски и владини и кадровски, така што ќе ја донесам одлуката некаде на почетокот на следната седмица и штом ја донесам веднаш ќе соопштам и кога точно ќе биде формализирана пред Собранието, изјави Заев за ТВ 24.
Тој синоќа во седиштето на СДСМ и формално му ја предаде лидерската фуннција на новиот претседател на партијата Димитар Ковачевски.
Заев рече оти не губи надеж дека новата бугарска влада ќе ги даде позитивните реакции за бугарсккото вето на Македонија во ЕУ.
– Знаејќи дека на 13 овој месец се формираше новата бугарска влада не можете да очекувате на 14 Советот за општи работи каде што присуствуваат министрите да донесат одлука. Јас не губам надеж дека новата бугарска влада со помош на претседателот Румен Радев ќе ги дадат позитивните реакции. Конечно имаме дадено наши одговори и верувам дека се надминати сите недоразбирања. Ако остануваат детали ние сме на располагање како држава, под раководство на идниот премиер Ковачевски да ги допрецизираме и да ги разговараме, рече Заев.
Тој додаде дека со новиот бугарски премиер Кирил Петков разговарале и оти се договориле дека не подоцна од шест месеци прашањето да се реши.
Заев оставката ја вети истата вечер кога беа соопштени резултатите од локалните избори кои владејачката коалиција катастрофално ги изгуби.