Бугарија планира да го укине законот кој овозможува „купување“ бугарско државјанство преку инвестирање во државата, соопшти бугарското Министерство за правда, укажувајќи дека овој закон не донел никакви значајни економски бенефити за земјата.

Овие законски измени следат по извештајот на Европската комисија во кој се предупредува Бугарија дека со тој закон се овозможува странски организирани криминални групи да се инфилтрираат во Европската унија и да се зголеми ризикот од перење пари, корупција и затајување данок.

Бугарија е една од трите земји на ЕУ, заедно со Кипар и Малта, кои досега одобруваа државјанства на странски инвеститори.

Дваесет држави членки на ЕУ, вклучувајќи ги и овие три, исто така на инвеститори доделуваат дозволи за постојан престој.

Во Бугарија странец може да добие пасош, кој ги отвора вратите за престој во повеќето земји на Европската унија, доколку во државата инвестира од еден до два милиони лева или од 500.000 до еден милион евра.

Министерството за правда на Бугарија соопшти дека само 50 странци од Русија, Египет, Израел и Пакистан добиле пасоши според овој закон од 2013 година, па до денес.

Законските измени, како што е наведено во соопштението на Министерството за правда, ќе ги  зајакнат контролите и правилата за доделување државјанство на лица со бугарско етничко потекло.

Во октомври минатата година бугарски обвинители обвинија висок државен службеник за измама со документи за кои велат дека им овозможиле на странци да добијат бугарски пасоши и слободно да патуваат во ЕУ.