Новоформираното тело на истражни судии во Романија започна истраги против европски комесари и шефицата на делегацијата на Еврокомисијата во Букурешт, на што реагираше Брисел потсетувајќи дека комесарите одговараат пред Европскиот суд за правда, јави МИА во Брисел.
Истрагите се иницирани по тужба на медиумот близок до владејачката Социјалдемократска партија (ПСД), Лују.ро, специјализиран за судски прашања, и се однесува, меѓу другото, на потпретседателот на Европската Комисија, Франс Тимерманс и комесарката за правда Вера Јоурова, кои се задолжени да ја следат состојбата со почитување на принципите на правната држава во земјите членки на ЕУ.
Кон крајот на минатата година, Европската комисија објави извештај за состојбата во Романија во делот на владеењето на правото, во кој е констатирано „загрижувачко назадување и политичко влијание врз судството“. Во меѓувреме се отстранети од работа сите клучни фигури во Обвинителството и судството задолжени за корупција и организиран криминал.
Тужителите на Тимерманс, Јоурова и на шефицата на делегацијата на Европската комисија во Романија и на поранешниот шеф на романското обвинителство, обвинуваат за организиран криминал, злоупотреба на службена положба и фалсификат. Сите четворица „обвинети“ работеа на изготвувањето на извештајот за Романија.
Европската комисија соопшти дека не добила официјално известување за оваа тужба и дека е информирана само преку медиумите, но ги потсети романските власти дека функционерите на Еврокомисија одговараат пред Европскиот суд за правда.
– Националните власти немаат јурисдикција во овие прашања. Сите функционери на Европската комисија се покриени со протоколот за привилегии и имунитет врзан за европските повелби и потпишан од сите земји членки, вклучувајќи ја и Романија, изјави портпаролот на Еврокомисијата, Маргаритис Схинас.
Европската комисија вчера повтори дека состојбата со правната држава во Романија е „многу сериозна“.
Владејачката партија во Романија е под силни критики од Брисел поради опструкции во работата на судиите и обвинителите и за подготвување амнестии на нејзини членови. Претседателот на ПСД, Ливиу Драгнеа, е осуден поради корупција, поради што не можеше да ја заземе премиерската функција по изборите.
Романија моментно претседава со Советот на ЕУ, па Схинас нагласи дека не сака да го драматизира ефектот на овој случај врз романското претседавање и ја поздрави досегашна работа на Букурешт на чело на ЕУ.