Пратеникот од редовите на Алијансата за иднината на Косово (ААК) на премиерот Рамуш Харадинај, Блерим Кучи денеска соопшти дека е повикан од Специјалниот суд за Косово во Хаг, јави дописникот на МИА од Приштина.

Кучи, кој е и потпретседател на ААК, треба да се јави во Хаг на 12 март, но се уште не е познато дали во својство на сведок или осомничен за воени злосторства.

– Денеска добив писмена покана и налог да се јавам пред високиот обвинител во Канцеларијата на Обвинителството во Хаг, на 12 март 2019 година. Се разбира дека ќе ја исполнам мојата обврска и ќе одговорам на налогот, се вели во соопштението на Кучи доставено до медиумите.

Тој додава дека „ова не е прв пат на овој начин да се предизвикуваат поранешните припадници на ОВК“.

– Се прават максимални напори да се изедначи нашата борба за слобода со најужасните злосторства кои Србија ги изврши во Косово. Јас сум убеден дека и овој обид, како и сите други до сега, ќе пропадне. Во моментов тоа е се што знам и што можам да и соопштам на јавноста, порача Кучи.

Специјалниот суд во Хаг, познат во косовската јавност како „Суд за ОВК“, го водат меѓународни обвинители и судии. Формалната работа оваа меѓународна правна институција ја започна на 14 јануари годинава, со испитувањето на еден од поранешните команданти на Ослободителната војска на Косово.

Покана да се јават пред Обвинителството, во својство на осомничени или сведоци за злосторства против цивилното албанско и српско население во Косово за време и по конфликтот во 1998-99 година, според досегашните информации, имаат добиено околу 20 поранешни команданти или други припадници на ОВК. Истрагите, како што е најавено, се сконцентрирани на претпоставени злосторства во периодот од јануари 1998 до декември 2000 година.