Со приближувањето на 1 февруари кога треба да стапат во сила најавените американски царини кон осум земји од Европа, кои се противат на преземањето на Гренланд од страна на САД, европските лидери кројат планови како да го убедат американскиот претседателот Доналд Трамп да се откаже од аспирациите, оценуваат бриселските медиуми.
Според „Еурактив“, се добива впечаток дека засега европските лидери се фокусирани на купување време на Светскиот економски форум надевајќи дека ќе ги смират тензиите преку воздржаност наместо конфронтација и дека Трамп нема дополнително да ги ескалира работите во своето утрешно обраќање во Давос.
„Политико“, пак, оценува дека гледајќи го однесувањето на европските лидери изгледа, како да постојат неколку планови меѓу нив, со што предизвикуваат стравувања дека во ЕУ не постои единство кога станува за тоа како да се одговори на заканите на Трамп.
Во вакви услови, по утрешниот говор на Трамп, за четврток претпладне е закажан нов состанок на Комитетот на постојаните претставници на владите на земјите членки на ЕУ (Корепер) како подготовка за вонредниот самит на Унијата предвиден за вечерта во Брисел. По ова, за петок е закажан состанок на еврокомесарите во формата Колеџ за безбедност, формат воведен минатата година со задача за справување со закани.
Паралелно со ова, како што најавија од Европската комисија, претставници на ЕУ разговараат со нивни американски колеги на сите нивоа.
Според дипломат на ЕУ вклучен во овие активности, сите земји членки имаат мандат да се обратат до американските колеги и да им објаснат дека преземањето на Гренланд би било целосно неприфатливо.
– Ќе има министерски состаноци во Давос и во Вашингтон. Сите наши амбасадори се во контакт со членовите на Конгресот (на САД) и со секого што го познаваат во движењето „Да ја направиме Америка повторно голема“ (МАГА) за да се обидат да ја пренесат пораката дека ќе одговориме жестоко ако продолжат вака – изјавил дипломатот за „Плејбук“.
Бриселските медиуми посочуваат дека меѓу членките на ЕУ постои табор на претпазливи земј, кои сè уште веруваат дека може да избегне конфронтација со Трамп и се противат на пожестоки контрамерки кон САД. Тие се на ставот дека ЕУ не треба јавно да упатува жестоки закани кон САД, туку треба да дејствува смирено и да ја изразува својата загриженост преку приватни канали.
Копјата во ЕУ особено се кршат за активирањето на инструментот против принуда (АЦИ), кој предвидува ограничување на увозот на стоки и услуги во Унијата, уште познат и како трговска базука. Идејата за активирање на АЦИ ја даде Франција, но засега и во некои од земјите членки постојат спротивставени мислења дали овој инструмент воопшто треба да биде ставен на маса за разгледување како одговор на американските закани.
Засега останува најавата за контрацарини кон САД во износ од 93 милијарди евра, кои би стапиле во сила од 7 февруари доколку до тогаш не биде постигнат некаков договор со Вашингтон за царините што би требало да бидат воведени на 1 февруари.
Според медиумите, од друга страна, се добива впечаток дека администрацијата на Трамп воопшто не е исплашена од можните европски контрамерки.
Така, американскиот секретар за финансии, Скот Бесент, во Давос за „Фајненшл тајмс“ изјавил дека Вашингтон не очекува ЕУ да го употреби своето најсилно трговско оружје. – Претпоставувам дека првин ќе ја формираат страшната европска работна група, што се чини дека е нивното најсилно оружје – забележал Бесент.
Претставник на Европскиот совет за „Политико“ изјавил дека за ЕУ станува проблем тоа што нема целокупна стратегија како да одговори на заканите на САД и фактот што секоја земја членка има свој пристап. Оттаму, според него, приоритет на самитот в четврток ќе биде постигнувањето консензус за справување со ситуацијата.
– Најновите случувања во трансатлантските односи бараат дискусија меѓу лидерите за последиците од нив врз ЕУ и за координирање на следните чекори – изјавил тој.
Дипломатите проценуваат дека единствени кои може да ја спречат ескалација на кризата сепак не се Европејците, туку Американците, и тоа оние блиски до Трамп од редовите на Републиканската партија. Според дипломатите, во услови кога во ноември претстојат избори за целиот состав на Претставничкиот дом и за една третина од членовите на Сенатот, републиканците мора да водат сметка за својот рејтинг и не би сакале дополнителните царини да ги зголемат трошоците за живот на просечниот Американец.
Фото: архива




