Токио и Брисел денеска потпишаа трговски договор кој треба да ги укине речиси сите царини помеѓу двата блока. Овој Економски договор за партнерство е најголемиот трговска спогодба во историјата на ЕУ.

Трговските бариери помеѓу двата блока, според студиите, досега ги чинеле двете страни околу една милијарда евра годишно. Како што јави МИА од Брисел, овој договор засега 600 милиони луѓе и третина од глобалниот бруто домашен производ.

Преговорите помеѓу ЕУ и Јапонија почнаа пред четири години, а треба да стапи во сила кон крајот на идната година.

Овој „историски“ чекор, како што го нарекоа двете страни, е и можност да им се одговори на последните протекционистички мерки на новата американска администрација.

– Со давањето целосен ефект на овој договор, ЕУ и Јапонија испраќаат силна порака за промовирање на слободна и фер трговија заснована на правила и против протекционизмот, се наведува во заедничкото соопштение на претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск и јапонскиот премиер, Шинѕо Абе.

Исто така во соопштението се посочува дека Економскиот договор за партнерство му ја покажува на светот цврстата политичка волја на ЕУ и Јапонија да продолжат високо да го веат знамето на слободната трговија и моќно да продолжат да ја унапредуваат слободната трговија.

Конкретно се очекува да паднат цените на европските производи во Јапонија и обратно, на пример европското свинско месо, европското вино и сирење во Јапонија, додека пак европските потрошувачи ќе имаат пристап до поевтина јапонска риба и чај, благодарение на оваа спогодба. Двете страни се надеваат дека интензивирањето на економските врски помеѓу двата блока ќе донесе поголем економски раст и ќе отвори работни места.