Европската Унија останува посветена на нуклеарниот договор склучен со Техеран во 2015, од кој Вашингтон се повлече пред неколку месеци, јави МИА од Брисел.

– Позицијата на ЕУ е јасна, остануваме целосно посветени на договорот се додека Иран, според релевантните меѓународни набљудувачи, ги почитува правилата на договорот. ЕУ и другите страни работат на зачувување на договорот, изјави денеска портпаролот на Европската комисија, Маргаритис Схинас.

За ЕУ постоечкиот договор за иранската нуклеарна програма ќе го спречи Иран да развива атомско оружје. Брисел потсетува дека договорот е одобрен и од страна на Советот за безбедност на ОН.

И покрај тоа, САД сепак вчера повторно воведоа санкции кон Иран, а бројни големи европски компании веќе одамна одлучија да се повлечат од земјата од страв од американски санкции и покрај европските обиди за заштита.

По најавата за повторно воведување на санкции, Европската Унија воспостави специфичен механизам за заштита – СПВ, но тој се уште не е функционален. Еден од проблемите е што ниту една земја за сега не изрази желба да биде домаќин на седиштето на СПВ.

Концептот на СПВ е да им овозможи на европските компании да користат европски посредник во трговијата со Иран и со тоа да го заобиколат американскиот финансиски систем, бидејќи тргувањето во долари ги изложува компаниите на санкции.

Анонимен дипломатски извор од Брисел изјави дека не верува дека овој инструмент ќе може да се конкретизира пред 2019 година.

– Се надеваме дека легалните инструменти ќе бидат воспоставени во наредните денови, потоа ќе треба неколку недели или месеци за да се финализираат модалитетите, а имплементацијата ќе се случи во текот на 2019, нагласи изворот.