Европската комисија попладнево го презентира својот последен предлог за зајакнување на санкциите против руските олигарси, таа очекува и земјите вон ЕУ да се усогласат со оваа иницијатива, јави дописничката на МИА од Брисел.
Како што објаснија еврокомесарите Маргаритис Схинас и Дидие Рејндерс пред новинарите денеска целта е да се стават на маса засилени инструменти за конфискација на имотите на руските олигарси и генерално санкциите против Русија.
– Сакаме нарушувањето на рестрикциите да биде криминализирано во цела ЕУ, сите земји членки работиме без престан од почетокот на војната во Украина, треба да се извршат овие рестриктивни мерки од страна на земјите членки, на нив е да ги имплементираат мерки брзо, ние сакаме да ги поддржиме земјите со тело кое ќе ги координира, ќе им овозможи да разменат информации и најдобри пракси за замрзнување на имотите од Русија и Белорусија, изјави еврокомесарот за правда, Дидие Рејндерс.
Веќе 10 милијарди евра се замрзнати ширум ЕУ. Но сега треба да се хармонизира имплементацијата на предложените мерки, но и прекршувањето на санкциите да стане кривично дело во Европската Унија. И олигарсите, и нивните адвокати и советници ќе бидат предмет на санкции и прогон.
Конкретно, Европската комисија предлага во списокот на кривични дела на ЕУ да се додаде формално прекршувањето на рестриктивните мерки против руските и белоруските олигарси. Со ова, ЕУ ќе има еден заеднички стандард за кривични дела и казни, истовремено ќе се олесни работата на истражителите, обвинителите и судиите ширум ЕУ.
Според студиите на правните служби на ЕУ овој предлог е компатибилен со членот 83 (1) на Повелбата за функционирање на ЕУ, а се смета за посебно сериозно кривично дело затоа што може да биде закана за меѓународниот мир и безбедност, и има јасен прекуграничен контекст.
На маса е и нова предлог директива за кривични санкции.
Потенцијалните кривични дела кои се покриени се затскривање на имот, обид да се заобиколат санкциите, тргување со лица и ентитети под санкции, и незамрзнување на имот кој спаѓа под санкции.
Откако земјите членки ќе ја одобрат оваа иницијатива, Комисијата ќе презентира предлог – закон.
Комисијата очекува и од земјите партнери на ЕУ, кои не се членки на ЕУ, да се усогласат со овој предлог, рече Рејндерс
– Се обидуваме овој механизам да се примени, за конфискација и ставање на располагање на конфискуваните средства за да се реконструира и да се обештетат жртвите на војната во Украина, рече еврокомесарот Рејндерс и потврди дека контактите се во тек на ниво на Г7 и другите партнери.
ЕК смета дека и третите земји треба да ги воведат овие исти мерки и истата формулација за криминализација на обидите за заобиколување на санкциите, вклучително преку банкари, соработници и адвокати.