Европскиот Парламент денеска ќе бара од Европскиот суд за правда (ЕСП) да преземе мерки против ЕУ поради одлагањето на процесот на ратификација на Истанбулската Конвенција, јави МИА од Брисел.
Истанбулската Конвенција за спречување насилство врз жените стапи на сила во 2014 година и е потпишана од сите земји членки на ЕУ, но седум сѐ уште не ја ратификувале: Бугарија, Унгарија, Литванија, Летонија, Словачка, Чешка и Велика Британија, ниту пак конвенцијата е ратификувана на ниво на Европската Унија.
Разговорите на ниво на земјите членки се заглавени во Советот, а европратениците сметаат дека одредени земји намерно ги блокираат, повикувајќи се на процедурални прашања за да го забават процесот.
Според европратениците, Полска и Унгарија се главните земји кои го кочат процесот, и дека одлагањето носи ризик прашањето целосно да биде отстрането во текот на идниот состав на Европскиот Парламент.
Поради ова, Европскиот Парламент се очекува денеска да изгласа резолуција во која ќе се побара правни разјаснувања од Европскиот суд за правда околу спорните процедури и „компатибилноста на повелбите на пристапување на ЕУ кон Истанбулската Конвенција и процедура која води кон ова пристапување“, се наведува во резолуцијата.