Алжирскиот претседател Абделазиз Бутефлика, кој пред два дена поднесе оставка, во писмо објавено од државната новинска агенција се прости од народот и го повика „да остане обединет и никогаш да не се дели“.

Тој тврди дека заминува од политичката сцена без тага и страв за иднината на земјата и замоли за прошка доколку направил некаква грешка или пропуст.

Бутефлика (82) изрази надеж дека земјата со новите лидери ќе доживее просперитет и напредок.

Милиони Алжирци секоја недела протестираа ширум земјата со барање за оставка на претседателот. Во вторникот тој поднесе оставка, нагласувајќи дека повеќе не можел да го издржи притисокот од јавноста по повеќенеделните масовни протести поради неговото 20-годишно владеење.

Откако тој ја поднесе оставката, стотици граѓани на Алжир излегоа на улиците на главниот град, носејќи државни знамиња и возејќи автомобили во конвои низ центарот на Алжир. Некои од нив извикувале „Алаху акбар“ (Господ е голем) и носеле транспаренти „Играта е завршена“. Некои од организаторите на протестите најавија дека ќе продолжат со собирите, бидејќи не прифаќаат привремена влада.

Во следните 90 денови до одржувањето на предвремените претседателски избори, вршител на должност шеф на државата ќе биде претседателот на Горниот дом на Парламентот, Абделкадер Бенсалах.

Бутефлика првпат за претседател е избран во 1999 година.