Лидерите на Европската унија договорија компромисен план за блокирање на увозот на руската нафта, односно постигнат е компромис да се увезува нафта само преку нафтоводи, но не и со бродови.

Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, кажа дека и на овој начин ќе се запре голем извор на финансирање на руската воена машинерија.

Ова, како што јави Би-Би-Си од Брисел, е дел од шестиот пакет европски санкции за Русија, кој беше најавен уште пред еден месец, но за него долго се дискутираше поради спротивставувањето на Унгарија. Новите мерки ќе ги погодат и најголемата руска банка Сбербанк и три државни телевизии.

-Договорено е привремено да има исклучок за руската нафта што се увезува преку цевководи. Моменталните санкции ќе ја погодат само руската нафта што се транспортира во ЕУ со бродови, што се две третини од вкупниот увоз од Русија, рече Мишел.

Брисел вели дека забраната е, сепак, поширока, бидејќи Германија и Полска се согласија постепено, до крајот на годината, да се откажат од увозот преку цевководи.

-Она што останува е околу 10-11 отсто преку јужна Дружба, изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, алудирајќи на рускиот цевковод преку кој Унгарија, Словачка и Чешка добиваат нафта.

Европскиот совет кажа дека исклучоците одново ќе бидат разгледани што е можно побрзо.

Унгарија беше главната опозиција на предлогот за целосна забрана за увоз, а Словачка и Чешка исто така побараа повеќе време поради нивната зависност од руската нафта.