Иако општественото прифаќање на ЛГБТИК+ лицата се зголеми низ цела ЕУ во последните пет години, овие луѓето и натаму продолжуваат да се соочуваат со неприфатливи нивоа на омраза, насилство и дискриминација, соопшти денеска Европската комисија, најавувајќи ја новата Стратегија за еднаквост на ЛГБТИК+ популацијата за 2026-2030 година.
– Секој во Европската Унија треба да се чувствува безбедно и слободно, да сака кого сака и да биде свое автентично јас. За таа цел, Европската комисија денеска ја усвои својата Стратегија за еднаквост на ЛГБТИК+ популацијата за 2026-2030 година. Таа се темели на првата Стратегија за еднаквост на ЛГБТИК+ популацијата за 2020-2025 година и треба да го трасира патот за понатамошен напредок и да обезбеди еднаквоста на ЛГБТИК+ лицата да биде вклучена во сите политики на ЕУ, се наведува во соопштението.
Според ЕК, едно од четири ЛГБТИК+ лица и речиси половина од транс мажите и транс жените доживеале некаков вид на физичко или сексуално насилство, вербална навреда или понижување.
– Стратегијата 2026-2030 се бори против омразата, промовира слобода и разновидност во ЕУ и низ целиот свет и поставува целни мерки околу три главни столба: заштита на ЛГБТИК+ лицата од насилство во сите негови форми, овозможување ЛГБТИК+ луѓето да живеат без дискриминација и да имаат еднакви права во сите области од животот и вклучување на општеството во целина за заедничко унапредување на еднаквоста ЛГБТИК+ популацијата, додава ЕК.
Со Стратегијата се предвидуваат мерки за да справување со омразата кон ЛГБТИК+ лицата, како офлајн, така и онлајн, заштита од кибер малтретирање, зајакнување на социјалната кохезија и поттикнување на претприемништвото и иновациите од страна на лицата од оваа заедница.
– Во моментов, ЕУ губи и до 89 милиони евра БДП годишно поради дискриминација врз основа на сексуална ориентација, посочува Комисијата, најавувајќи нови упатства за инклузивни практики за вработување.
Во тие рамки, ЕК планира во следната повеќегодишна финансиска рамка (МФФ) на ЕУ да вклучи 3,6 милијарди евра за поддршка на еднаквоста и недискриминацијата, борба против полово базираното насилство и промовирање на демократското учество.
– Борбата против нееднаквоста во ЕУ е заедничка одговорност што бара и заедничка акција. Комисијата ги повикува сите земји членки да усвојат свои национални акциски планови или стратегии за еднаквост на ЛГБТИК+ популацијата и е подготвена да ги поддржи. Другите институции на ЕУ се охрабруваат да ја поддржат имплементацијата на оваа Стратегија, која Комисијата редовно ќе ја следи, а до 2028 година ќе презентира и среднорочен преглед на нејзиното спроведување, се додава во соопштението.
Фото: Фејсбук