Европската Унија денеска се состанува во формат на министри за надворешни работи во Советот, за да расправаат за влошената здравствена состојба на рускиот опозиционер Алексеј Навални, кој се наоѓа в затвор, јави дописничката на МИА од Брисел.
Од Советот изјавија дека Европската Унија е “длабоко загрижена“ поради информациите за дополнителното влошување на здравствената состојба на Навални во затворот и ја повикуваат Русија веднаш да му дадат пристап до медицински персонал во кој тој има доверба.
Навални пред неколку месеци беше жртва на труење со хемиска супстанца за кое ЕУ и САД сметаат дека е чин на руските власти.
Европската Унија пред неколку месеци воведе нови санкции против Москва токму поради затворската казна за Алексеј Навални и натаму повикува на негово безусловно ослободување. Санкционирани се околу десетина лица за кои ЕУ смета дека се директно инволвирани во труењето на Навални и влошувањето на состојбата со човековите права во Русија.
-Во овој контекст очекуваме Русија да си ги исполни обврските кои произлегуваат од Европската конвенција за човекови права, велат од Советот на ЕУ.
Од Брисел истакнуваат дека случајот со Навални не е изолиран и дека просторот за независните гласови, граѓанското општество и опозицијата се стеснува.
Останува да се види дали после денешниот состанок на министрите ќе се донесе одлука да се оди кон нови санкции.