Како одговор на загриженоста од зголемено злонамерно влијание од странски актери, Европската комисија предложи пакет-мерки насловен „Одбрана на демократијата“, чија главна цел е да се идентификува и открие индиректното влијание од странство врз интересните и лоби групи, со тоа што ќе ги обврзе на транспарентност на нивните финансиски приливи.

Според потпретседателката на Европската комисија и еврокомесарка за демократија и демографија, Дубравка Шуица, идејата зад овие мерки е интенцијата да се открие кој, каде и колку ги финансира граѓанските организации во ЕУ.

– Сметаме дека некои од нив можеби се финансирани од трети страни или трети земји и сакаме да го знаеме тоа, истакна Шуица во интервју за „Еурактив“.

Но, граѓанските организации упатија критики за ваквите мерки, изразувајќи стравувањата дека тие можат да се злоупотребат од страна на земјите членки како алатка за контрола и ограничување на активностите на невладиниот сектор. Тие ваквата загриженост за поткрепуваат со искуството од Законот за странско финансирање во Унгарија, со кој унгарските власти ја ограничија работата на некои невладини организации, пред се на оние насочени кон промоција на демократските вредности и слободи и правата на припадниците на ЛГБТК+ заедницата.

Клара Добрев, 49-годишна адвокатка, која се залага за поблиски односи со Европската унија, победи во првиот круг од предизборите на обединетата унгарска опозиција, која сака со заеднички сили

Меѓутоа, според Шуица, станува збор за сосема различни акти и со мерките на ЕУ не се криминализира работата на невладиниот сектор, туку се штитат демократијата и демократските вредности. Сепак, таа признава дека во крајна линија спроведувањето на мерките ќе зависи од владејачките структури во секоја од земјите членки.

– Природата на директивата на Комисијата е да постави рамка врз основа на која земјите членки ќе ја постигнат заедничката цел. Како тоа ќе се постигне, сепак, ќе зависи од самите држави, во рамките на самата директива, оценува Шуица.

Таа додава дека секоја земја членка согласно оваа директива може да усвои сопствен закон за обезбедување транспарентност во финансирањето на граѓанските организации, изразувајќи надеж дека тие нема да ја злоупотребат за контрола и ограничување на граѓанскиот сектор.

Првично, беше предвидено овој пакет-мерки на ЕУ да биде претставен кон средината на 2023 година, но по првичната жестока реакција на граѓанските организации на најавената регулатива, Европската комисија реши да ги разгледа изнесените забелешки и загрижености и да изврши измени во првичната верзија на нацрт-документот.

– Мислам дека (граѓанските организации) погрешно разбраа. Мислеа дека сакаме да ги контролираме и надгледуваме, што не е случај. Само сакаме да се зголеми транспарентноста – тие да бидат транспарентни, додава Шуица.

Засега ЕУ не предвидува промена во своето присуство во Ирак, изјави портпарол на Европската комисија.

Потпретседателката на ЕК е уверена дека новата директива, заедно со двете препораки за зајакнување на изборните процеси и за поголема инклузивност на граѓаните, на земјите членки и на Европскиот парламент, ќе бидат донесени пред изборите за европратеници предвидени за почетокот на јуни 2024 година.

– Не гледам толку многу критики против мерките. Мислам дека е од најголема важност тие да поминат, нагласи Шуица.

Иако, правилата ќе важат во целата Унија, сепак се очекува тие да имаат најголемо влијание во Брисел, како седиште на институциите на ЕУ, каде има и најголеми обиди за влијание, како од страна на бизнис секторот и интересните групи, така и од странски актери.

– Мораме да ја браниме и заштитиме нашата демократија, бидејќи реалноста во денешно време е многу сложена. Геополитичката ситуација е многу сложена и има влијание од различни земји, нагласува Шуица.

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, прашањето за странско мешање во ЕУ стана особено актуелно по руската инвазија врз Украина и напливот на лажни вести и дезинформации од Русија, но и во услови на зголемени обиди на Пекинг за влијание поврзано со кинеските бизнис и политички интереси

– Предлогот е насочен кон руското влијание, има кинеско влијание, се работи и за Белорусија, но има некои други кои можеби се кријат, заклучи Шуица.

Фото: ЕУ/МИА Архива