На листата на членови на Советот на ЕУ за животна средина наскоро би можел да се најде и Рудолф Хулиак, човек кој верува во светски заговор дека климатските промени се измислени за да им се одземат автомобилите на луѓето, јави дописникот на МИА од Брисел.

Како што објави бриселскиот портал „Еурактив“, Хулиак, кој во претходни коментари поборниците на зелената транзиција во ЕУ ги нарече „бриселски еко-терористи“ и бараше бесење на еколошките активисти, сега е кандидат на десничарската Словачката национална партија (СНС) за нов министер за животна средина  на Словачка.

Меѓу останатото, Хулиак има изјавено дека лично ќе ја посети Русија и „ќе побара прошка“ за досегашната политика на Братислава, често е обвинуван за ширење дезинформации на социјалните мрежи и е познат по напади врз ЛГБТ+ заедницата.

Во коментар на номинацијата на Хулиак, словачкиот европратеник од редовите на либералната партија Прогресивна Словачка, Михал Визик оцени дека ваквиот предлог е „апсурден и опасен“.

Според Визик, со Хулиак на чело на Министерството за животна средина, Словачка најверојатно ќе се соочи со нови случаи на прекршувања на еколошките стандарди на ЕУ и со дополнителни санкции.

Против номинацијата на Хулиак е покрената и онлајн петицијата која собра околу 40.000 потписи, а неговите приврзаници иницираа контра-петиција за негова поддршка, која има 10.000 потписници помалку.

Хулиак не е единствениот контроверзен кандидат за министер предложен од СНС. Партијата за министерка за култура ја номинира Мартина Шимковичкова, поранешен водителка на телевизиски вести, која беше отпуштена од најголемата словачка телевизија ТВ Маркиза, поради расистички изјави против мигрантите за време на мигрантската криза во 2015 година.

Листата со кандидати за нови министри веќе е доставена словачката претседателка Зузана Чапутова која треба и официјално да ги именува, а од нејзиниот Кабинет соопштија дека таа ги разгледува номинациите.

Во словачката историја постои преседан шеф на државата да одбие да именува предложен кандидат за министер, иако според правните експерти основата на ова претседателско овластување не е најјасна.

Во една претходна прилика, Чапутова изјави дека би се спротивставила на номинирањето на лице обвинето за кривично дело за функцијата министер за внатрешни работи, но дека одговорноста за предлагањето некомпетентни луѓе за членови на Влада е на идниот премиер.