Меѓународните финансиски институции, меѓу кои и Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и Светска банка, го поддржаа планот вреден четири милијарди евра за транзиција од јаглен кон обновливи извори на енергија во Македонија. Договорот, којшто се очекува да биде објавен на климатските Самит COP28 во Дубаи што почнува на 30 ноември, ќе постави план за затворање на двете електрани на јаглен во земјата и нивна замена со 1,7 гигавати обновлива енергија, пренесува Еурактив.
– Јагленот претставува 40 отсто од изворот на енергија во С. Македонија, што е многу голема, многу важна ставка. Ова е еден пример што би сакале да го прикажеме на COP, да го претставиме овој пристап и што може да даде, како и посветеноста на земјата, изјавил претседателот на ЕБОР Одил Рено-Басо за „Ројтерс“.
Наречен „Инвестициска програма за енергетска транзиција“, планот следи слични примери за затворање електрани на јаглен во Јужна Африка, Индонезија, Виетнам и Сенегал, со поддршка од кредитори, влади и приватни инвеститори.
Портпаролот на Климатскиот инвестициски фонд (ИЦФ) на Светската банка потврди дека Северна Македонија би можела да добие средства во износ од 85 милиони долари, но инвестицискиот план, вклучувајќи ја конкретната сума на пари, ќе треба да го одобри управното тело на ИЦФ кон почетокот на следната година.
Обединетите нации во 2018 го прогласија Скопје за најзагаден главен град во Европа, иако земјата со години работи на намалување на зависноста од јаглен како извор на енергија. Сепак, во 2021 година повторно беше активирана електраната на јаглен РЕК „Осломеј“ за да се намали увозот на електрична енергија. Електраната, која е застарена, работи на лигнит, јаглен кој најмногу загадува, посочува Еурактив.
Македонија во 2021 година се приклучи на Powering Past Coal Alliance, група земји посветени на постепено укинување на енергијата на јаглен. Откако првично беше предвидено тоа да биде завршено до 2027 година, рокот беше одложен до 2030 година.