Карантинот во кој е Албанија поради пандемијата со Ковид-19 се чини дека донесе придобивки за животинскиот свет и животната средина.

Во земјата позитивен ефект е збогатувањето на фауната, објави „Еуроњуз“ додавајќи дека за повеќе од трипати се зголемил бројот на розовите фламинга.

– Розовите фламинга во големи јата летаат во Албанија и се забавуваат во солената вода на крајбрежјето во западниот дел на земјата. Бројот се зголеми затрипати, а може да се забележи како уживаат во новото секојдневие поради карантинот условен од Ковид-19,наведува „Еуроњуз“.

Но, тие не се единствените птици што безгрижно ги шират своите крилја.

– Кадравите пеликани „цутат“ во спокојството. Нивните старатели се надеваат дека смиреноста ќе ги натера птиците да се репродуцираат, истакнува „Еуроњуз“.

 

Задоволството од тоа искажа и албанскиот премиер Еди Рама.

– Добро утро.Какво волшебство има Албанија, напиша Рама на фејсбук постирајќи фотографија од летот на розовите фламинга.

Розовиот фламинго е најраспространет вид од семејството на фламингата. Повеќето од пердувите му се розовобели, но крилјата му се покриени со црвени пердуви, а основните и средните пердуви за летање му се црни. Клунот му е розов со црн врв, а нозете му се целосно розови.

Овие птици живеат во мочурливи предели и плитки крајбрежни лагуни со солена вода.