Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта од денеска до четврток ќе престојува во посета на Бразил, со цел зајакнување на европско-бразилското партнерството и започнување на инвестицискиот дијалог.

– Бразил не е само близок пријател, туку е и стратешки партнер за ЕУ. Тој е глобален играч и наш клучен сојузник во промовирање на демократијата, мултилатерализмот и обликувањето на поправеден и поодржлив свет. Во време кога овие вредности се оспоруваат глобално, уште поважно е страни како Бразил и Европската Унија да се здружат за да нивно почитување, изјави Кошта во пресрет на посетата.

Тој оцени дека оваа негова посета е можност за продлабочување на соработка меѓу ЕУ и Бразил и за понатамошно заедничко работење на амбициозна глобална агенда што ќе им користи и на луѓето и на Планетата.

– Заедно, инвестираме во доверба, одржливост и меѓународен поредок вкоренет во соработка, а не во конфронтација, истакна Кошта.

За време на престојот во Бразилија, Кошта ќе се сретне со бразилскиот претседател Луиз Инасио Лула да Силва. Како што соопшти Европскиот совет, на средбата со Лула да Силва, Кошта ќе се фокусира на зајакнување на политичката, економската и секторската соработка, особено во пресрет на претстојното претседателство на Бразил со КОП30.

– Двајцата претседатели ќе разменат мислења за нивните билатерални и глобални приоритети, вклучувајќи ги климатските промени, трговијата, зелените и дигиталните транзиции и ретките суровини. Тие, исто така, ќе разговараат и за глобалниот геополитички контекст и за тоа како да се максимизираат придобивките од Договорот ЕУ-Меркосур, се наведува во најавата.

Од Бразилија, Кошта ќе отпатува за Сао Паоло, каде ќе има воведно обраќање на првиот Инвестициски форум ЕУ-Бразил, со што и формално ќе започне билатералниот дијалог за инвестиции. Дијалогот, според најавите, ќе поддржи инвестиции со високи стандарди и одржливост и дополнително ќе ги зајакне економските врски меѓу Бразил и ЕУ.

– Посетата доаѓа во клучен момент за односите ЕУ-Бразил, бидејќи двата партнера се стремат да ги унапредат заедничките приоритети за климатската акција, дигиталната трансформација, одржлив развој и глобално управување, како и да ги зајакнат политичките и економските врски на високо ниво. Во време кога билатералните односи се соочуваат со растечки тензии, а мултилатерализмот е под притисок, посетата ќе ја истакне посветеноста на ЕУ кон амбициозно и напредно стратешко партнерство со Бразил, поткрепено со силни политички врски, робусна економска соработка и заедничка посветеност за заедничко справување со глобалните предизвици, се додава во најавата.

Бразил од 2007 година има статус на стратешки партнер на ЕУ. ЕУ е втор по големина трговски партнер на Бразил и негов најголем странски инвеститор, со над 300 милијарди евра. Односите меѓу ЕУ и Бразил добија нова динамика преку обнова на претходно започнатите, но и нови политички и секторски дијалози за климата, енергијата, дигиталната трансформација, безбедноста и јавното здравје, откако Лула да Силва одново ја презеде претседателслата функцијата во 2023 година. Дополнителен импулс на меѓусебните односи даде и завршувањето на преговорите за Договорот ЕУ-Меркосур во декември 2024 година.