Евроамбасадорот во земјава Дејвид Гир денеска го отфрли пристапот да се прават споредби на ситуацијата меѓу Русија и Украина, со онаа на Македонија и Бугарија.
Тој, во одговор на новинарско прашање на заедничката прес-конференција со францускиот амбасадор Сирил Бомгартнер, дека условите на Владимир Путин кон Украина се слични на оние што Бугарија ги поставува кон Македонија во историскиот контекст на дефинирање на нациите, рече дека ЕУ целосно ја отфрлува оваа споредба помеѓу двете ситуации, за кои, како што рече, се две крајно различни ситуации.
– Самите дејствија на Русија се широко осудени во ГС на ОН и тоа се две различни ситуации. Целосно отфрлувам правење паралела меѓу односите на Русија и Украина, со оние меѓу Бугарија и С. Македонија. Во Украина како што веќе кажав, гледаме градови што се бомбардираат од страна на руската армија, имаме напади врз суверена држава чија територија е ставена под прашалник,, рече Гир.
Евроамбасадорот истакна дека во билатералните односи меѓу Скопје и Софија има неколку области на спор, но, како што рече, Бугарија беше првата земја која што ја призна независноста на Македонија и продолжи да дава поддршка и на нејзиниот интегритет и суверенитет.
– Беше прва што го поддржа нејзиното членство во НАТО. Во изминатите неколку дена гледаме дека Бугарија како одговор на Европскиот цивилен заштитен механизам исто така помагаше на евакуација на македонски граѓани од Украина, додаде Гир.
Францускиот амбасадор од своја страна, во овој контекст, истакна дека актуелната состојба покажува уште појасно отколку во минатото дека се наоѓаме во конфронтација на модели и на вредности – европскиот модел е на неупотреба на сила, затоа што решавањето на споровите не е така, затоа што се бара решение добра волја, дијалог, диполоматија.
– Ќе ве потсетам дека токму тоа ние денес го забележуваме преку овој зајакнат дијалог меѓу двата главни града што се воспостави од почетокот на годината и во тој дијалог има политички одговорни лица што се храбри, понесени од најдобрата намера и во тој контекст секој треба да се обиде, колку што е можно да биде поодговорен, а тоа значи да ги оставиме тие што преговараат меѓу себе да најдат решенија. Европските институции и француското претседателство го следат сето тоа со највисоко внимание и се подготвени кога ќе дојде соодветниот момент да го дадат својот придонес, за да може во најкраток и најбрз можен рок, овие позитивни моменти да бидат крунисани со успех што сите го посакуваме, посочи Бомгартнер.
Францускиот амбасадот подвлече дека во овој стадиум не станува збор да бараме протагонизам ниту да бараме некакви недоследни изјави, туку, вели, треба да му дозволиме на процесот којшто во очите на сите е позитивен, да може да се остварува во најдобрите можни услови.