Реакции на македонската политичка сцена предизвика објаснувачкиот меморандумот што Бугарија го испрати до земјите-членки на ЕУ, во кој се доведуваат во прашање македонскиот национален идентитет и македонскиот јазик. Нацијата се означува како творба на Тито и се бара од земјата да „раскине со идеолошкото наследство од комунистичка Југославија“, кое според Софија е причина за „етничкиот инженеринг“ во С. Македонија.
Јазикот не се признава.
Владата вчера преку МИА го изнесе својот став за новата бугарска позиција, додека опозицијата изнесе обвинувања кон власта за ваквиот меморандум.
-Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Република Бугарија создава правна рамка и нуди инструменти за менаџирање на билатералните прашања и ние сме посветени на неговата имплементација, изјавија вчера за МИА од Владата во врска со мемеорандумот што Софија го достави до земјите членки на ЕУ.
Оттаму наведуват дека правото на самоопределување и самоидентификација се темелни европски вредности и цивилизациски придобивки и дека посебноста на македонскиот јазик и македонски етнички идентитет се неспорен факт.
– Македонскиот јазик е составен дел од личната карта на С. Македонија во Обединетите нации и дел од многуте прифатени и признати модерни јазици кои се изучуваат на универзитети во целиот свет. Во 21-от век во Европа, прифаќањето на минатото, но и на сегашноста се одраз на одговорна и зрела политика и вистинско пријателство, смета Владата.
Според Владата, тврдењата и изјавите кои содржат навреди не водат кон пријателство.
– Пријателството е двонасочна улица и најмногу зависи од нас самите од нашето почитување на европските вредности и принципи. Договорот за пријателство, добрососедство и соработка е одраз на взаемното почитување и пријателство и подразбира и бара одговорност и учество од двете страни, велат од Владата за МИА.
Министерот за надворешни работи Бујар Османи вчера не сакаше содржински да го толкува меморандумот и напомена дека поради тоа што земјава е кандидат за членство не е дел од кореспонденцијата внатре во Унијата и до нив официјално не е стигнат тој документ. Додаде оти преку секојдневните комуникации треба да се дознаваат битните информации за државава, нагласувајќи оти нема да навлегува во материјална расправа за меморандумот.
-Меѓувладината конференција, со која се означува и стартот на преговори со Европската Унија, е предвидена за декември, тоа е нешто за што е постигнат консензус во март, а поддршката ја даде и Бугарија, истакна Османи.
Османи на прес-конференцијата со неговиот албански колега Гент Цакај, кој вчера беше во официјална посета на земјава, одговараше на тоа дали смета дека ова е ново условување, можеби прво да се реши прашањето за Гоце Делчев, па да почнат преговорите, можеби евентуална блокада, но и за тоа кои се следните чекори на Владата во однос на овие бугарски позиции.
Шефот на дипломатијата потенцира дека одржувањето на првата меѓувладина конференција, што е предвидено да се случи во декемрви, а со која се означува почеток на преговорите е веќе договорена работа, а не посебна одлука.
Нагласи дека комуницираат со сите земји-членки по сите прашања и нивниот однос секогаш бил коректен, а тоа е дека преговарачката рамка не е платформа каде се билатерализираат односите меѓу земјите.
Тој додаде дека Договорот за добрососедство се заснова на добра волја и взамено почитување, а Комисијата е фомирана на паритетна основа за да се најдат заедничките моменти на спојување на зближување.
-Целта не е негативна компетенција за наметнување на нашите наративи еден на друг, туку оттргнување на овој процес од стегите на политиката. Досега имаше резултати од таа комисија за околу пет, шест историски личности, договорени се начините за заедничко одбележување на нивното дело. Комисијата треба што поскоро да се состане, рече Османи, додавајќи дека логистички сега се остранети препреките кои настанаа поради коронакризата, но и поради изборите кај нас.
Во однос на Гоце Делчев, рече, изутринава прочитал дека најдобриот начин да му се оддаде почит е да се изгради автопатот Скопје-Софија, кој би се нарекол Гоце Делчев. -Навистина сметам дека политиката и политичарите можат само да им пречат во обидот на историчарите и научниците да ги осветлат овие прашања кои се товар меѓу двете држави, рече Османи.
Портпаролот на СДСМ, Костадин Костадинов, одговарајќи на новинарско прашање во врска со бугарскиот меморандум, вчера рече дека ние зборуваме македонски јазик кој е признат од цел свет и оти е убеден дека билатерални спорови нема да бидат камен на сопнување во нашиот интегративен пат кон ЕУ.
Од ВМРО-ДПМНЕ со обвинувања до премиерот Зоран Заев и неговата политика за ваквиот меморандум од Бугарија. -Шокирани сме од однесувањето на источниот сосед, чиј негаторски однос е потценувачки за нас како држава, нација и народ и секако не е пример за европска вредност, рече портпаролот Наум Стоилковски.
Пратеникот Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ вчера предложи македонското Собрание, како контра одговор на бугарското Народно собрание да усвои една заедничка декларација во која што идентитетот на македонскиот народ, посебноста на македонскиот јазик и сите други културни и национални обележја би биле заеднички потврдени и со самото тоа, како што вели, афирмирани како дел од европските вредности на културните и националните идентитети на овој континент.
– Европа и нејзиното мото обединети во различностите би требало да важи и за Македонија и сметаме дека за тие прашања не би требало да има преговори, напротив тие прашања треба да бидат поддржани од сите политички партии во Република Македонија дека не треба да се преговара, напротив треба да бидат афирмативни. Мислам дека Собранието би било добро како контра одговор на Бугарското национално собрание да усвои една заедничка декларација во која што идентитетот на македонскиот народ, посебноста на македонскиот јазик и сите други културни и национални обележја би биле заеднички потвредени и со самото тоа афирмирани како дел од европските вредности на културните и националните идентитети на овој континент, рече Милошоски.
Драги Ѓоргиев, претседател на македонскиот тим експерти во македонско-бугарската комисија, во изјава за Дојче веле, оценува дека објаснувачкиот меморандум на Република Бугарија упатен до членките на ЕУ во пресрет на одлуката за започнување не преговорите со Северна Македонија, во кој се негира современиот македонски јазик и идентитет, не може да биде во функција на постигнување успех на комисијата.
Тој вчера за емисијата „Само вистина“ на Канал 5 изјави дека прашањето околу идентитетот на Гоце Делчев повеќе се наметна од јавноста отколку што беше дискусија во самата Комисија.
-Според мене, Гоце Делчев припаѓа и на Македонија и на Бугарија и јас тука го гледам патот. И тоа го кажав иако не верувам дека ќе биде прифатено од бугарска страна, дека во овој момент треба да се задржат двете перцепции кон Гоце Делчев, и македонската и бугарската перцепција и во овој момент мислам дека тоа е решението, изјави Ѓоргиев.
Според него, кое било решение во кое ќе надвладее едната или другата страна нема да биде решение, нема да биде прифатено од општеството, од народот во соодветната држава.
-И затоа доколку сакаме во овој момент да се мрднеме ние од таа мртва точка треба да го прифатиме овој став во овој момент кој, според мене, не пречи да се слави Гоце Делчев заеднички. Согласно македонскиот наратив Гоце Делчев е македонски национален херој, според бугарскиот тој е бугарски национален херој, меѓутоа има елементи кои дозволуваат тој лик, важен за двата народи и за двете мемории, да се слави заеднички, подвлече Георгиев.
Вели дека со бугарските колеги се уште разговараат за Гоце Делчев, иако немаат нешто премногу напишано на хартија. Според него, треба многу трпение и мудрост со цел да се задоволат и двете страни, за да може да се препознае она што ќе го дадеме пред јавноста и двата народи.
Премиерот Зоран Заев во вчерашното интервју за МИА, подвлече дека историјата не е неважна, многу е важна, но поважна е иднината, а историјата треба да ја искористиме како основа, како темел како база за добра историја.
-И затоа велам дури и решавањето на прашањето за Гоце Делчев, ние мора да изнајдеме нишки кои ќе не обединат, кои ќе бидат заеднички, кои што ќе не сплотат во меѓусебното помагање, охрабрување на нова економска трговија, на меѓусебни инвестиции и соработка на сите полиња. Јас верувам дека навистина низ ова прашање повторно ќе излеземе победници и двете страни и мора да излеземе. Заради тоа што договор ќе постигнеме, а ако постигнеме договор, тој да биде одржлив и возможен, а тоа е можно само ако двете страни се подеднакво среќни, затоа што во спротивно не е договор, едната страна се наметнала на другата, нашата на бугарската или бугарската над македонската. Не ни треба тоа. Реков имаме архиви, можеме да ги отвориме. Самите архиви постојат и кај нас, постојат и во Бугарија. Тие архиви се речиси идентични, рече Заев за МИА.
На шест страници со долги историски образложенија за „државна антибугарска идеологија“ во Северна Македонија, Бугарија испрати објаснувачки меморандум до земјите членки на ЕУ во пресрет на одлуката за отпочнувањето на преговорите со Унијата. Официјална Софија бара поддршка од нив за својата позиција во однос на македонскиот идентитет и јазик.
Софија нагласува дека земјите кандидати не треба да внесуваат отворени спорови во ЕУ, и смета дека несогласувањата со Скопје претставуваат нерешен конфликт кој „би можел при зачленувањето на Северна Македонија негативно да влијае врз носењето одлуки во ЕУ“.
Меѓу другото, во документот на шест страници на кој на долго се објаснуваат нивните тези за настанокот на македонската нација и јазик, се наведува и дека Македонците се проект на поранешниот југословенски лидер Јосип Броз Тито, дека македонскиот јазик е норма на бугарскиот и не постоел до 2 Август 1944 година.