Само што почнаа протест пред владата 130-ина вработени од прилепската наменска фабрика „Еурокомпозит“ остварија средба со вицепремиерот Кочо Анѓушев и се договорија за барањата што ги имаат вработените во овој единствен загубар во земјава.
Според претседателот на синдикатот Роберт Богданоски постигнат е договор со Владата за барањата на вработените.
– Петмина наши претставници, заедно со претседателот на гранковиот синдикат СИЕР при Сојузот на синдикатите на Македонија, Пеце Ристески само што пристигнавме на протест пред Владата околу 11 часот денеска, имавме едночасовна средба со вицепремиерот Кочо Анѓушев на која разговаравме за остварувањето технолошки вишок за 130-ина вработени, за исплатата на отпремнините во висина од околу 160 илјади евра и за околу два милиона евра заостанати плати и придонеси. Се договоривме и ги прифативме предлозите на Владата: в понеделник на седница на Собранието на дневен ред да бидат и да се изгласаат дополнувањата на Законот за технолошки вишок кој се предлага да се пролонгира, зашто важеше до 15 септември за да ги опфати 130-ината вработени од „Еурокомпозит“ за технолошки вишок, рече телефонски Богданоски.
Во меѓувреме, договорено е 130-ината вработени да може да се пријават во Бирото за вработување како технолошки вишок каде ќе бидат еден месец, а потоа ќе ги опфати Законот за технолошки вишок до пензионирање. Потоа, веднаш ќе се прави реорганизација пред стечај на компанијата, а иднииот купувач да исплати се: отпремнини и заостанати плати и придонеси во вкупна вредност од околу два милиона и 160-ина илјади евра.
Богданоски вели дека од Владата споменуваат дека има веќе тројца заинтересирани инвеститори, но, оти не сакаат да откријат кои се. Вработените ќе чекаат до понеделник да видат дали дополнувањата на Законот за технолошки вишок ќе се изгласаат во Собранието.
– Доколку не се изгласа продолжувањето на рокот на траење на Законот за технолошки вишок, од вторник ќе ги продолжиме протестите, изјави Боданоски.
Вработените од „Еурокомпозит“ што пристигнаа во Скопје попладнево се враќаат во Прилеп.