Помалку од пет отсто од домашните микро, мали и средни претпријатија реализираат извоз на регионалните пазари, а само три проценти се присутни на некој од пазарите во Европската унија зашто се уште се кадровски, финансиски и технички ограничени, беше речено денеска во Стопанската комора на Македонија.

Според Комората, учеството на извозот во БДП треба да се зголеми од 50 на 75 проценти, а за тоа е неопходно значително подобрување на трговскиот сектор. Најголем капацитет за освојување нови пазари или интензивирање на постојниот извоз имаат компаниите од прехранбениот сектор, фармацевтската, хемиската, дрвната, металната и индустријата за мебел, како и текстилот.

– За да имаме извоз, најпрво треба да ја одработиме домашната задача, да креираме производ што ќе биде соодветно дизајниран, конкурентен и квалитетен, согласно стандардите на земјата во која се извезува. Тука треба да поработиме малку повеќе. Светскиот пазар е преплавен од сите земји и производи, но успеваат само тие што се наметнуваат со квалитет и конкурентна цена, истакна претседателот на Клубот на извозници при Комората, Глигор Цветанов на прес-конференција.

Негова оценка е дека домашните фирми инвестираат во раст, но не со тоа темпо како странските инвеститори.

– Странските инвеститори доаѓаат тука со веќе готов пазар, а македонските треба да се борат за пазарот и тоа е голема разлика. Странските и македонските компании треба да соработуваат, странските да им помогнат преку нивните производи дел од извозот да оди на тој пазар, рече Цветанов.

Во контекст на потребните критериуми за извоз, Татјана Штерјова од Комората дополни дека за успешен пласман надвор е неопходно исполнување цел сет барања: за пакувања, означувања, стандардизација,.. Фирмите треба да располагаат со информации за потребите на пазарите и посебно, за дистрибутивните канали.

– Изминатите години континуиран е статусот на компании што извезуваат. Прашањата не ги лоцираме во дневно-политичките настани, туку во подлабоки, долгорочни фактори кои влијаат врз овој сегмент, потенцира Штерјова.

Слична како во Македонија, е ситуацијата и кај останатите земји од Западен Балкан, со исклучок на оние кои се веќе членки на ЕУ. Интрарегионалната размена е дест до 12 отсто, а учеството на извозот во БДП достигнува не повеќе од 37 отсто. Кај земјите од Вишеградската група овој процент е 80, а кај членките на ЕУ од балканскиот регион над 50.

Као што беше речено на прес-конференцијата, од вкупниот број регистрирани правни лица во државава, само околу пет отсто или 3.500 компании се извозно ориентирани. Вкупно 81 процент се во категоријата микро и мали компании, 15,8 отсто се средни, а само 3,2 се големи компании.

Иако микро и малите компании се најбројни извозници, големите компании се моторот кој креира дури 80 отсто од вкупниот извоз на стоки во државата. Лани Македонија остварила над пет милијади евра извоз, што е најголем пораст во изминатите 10 години.

Според официјалните статистичките податоци за трговската размена, 81,1 отсто од извезените производи завршуваат на пазарите во земјите членки на Европската унија, а трговската размена со земјите од ЦЕФТА регионот изнесува 10-12 процента. Најголем тровски партнер е Германија со кој Македонија бележи суфицит во размената. Значајни трговски партнери на земјата се и Бугарија, Србија, Грција, Италија, Романија, Шпанија, Турција и Велика Британија.

Стопанската комора на Македонија информира дека од денеска на нејзината веб страница е достапаен Каталогот на извозници со ажурирани податоци за компаниите – членки на Клубот на извозници. Но, Каталогот е отворен за евентуални дополнувања на компании, производи и нови, потенцијални пазари. Изготвени се и одреден број печатени изданија кои ќе бидат дистрибуирани до амбасадите и дипломатските претсавништва во земјава.