Граѓаните за политички теми најчесто се информираат преку интернет покажуваат резултатите од анкетата Еврометар 2023 и конечно го потврди она што е општо познато и без анкети – дека граѓаните доминантно за сите теми, вклучително и за политичките, се информираат преку интернет.
Само 13,8 отсто од граѓаните велат дека се информираат од онлајн платформите на постоечките радио станици или тв канали. На прашањето „како се информирате за политички теми“ најмногу или 56,5 проценти од испитаниците одговориле преку интернет, потоа следат 43,5 отсто преку телевизија, 12,5 проценти од пријатели/фамилија и 1,8 отсто преку радио. Околу 13,4 проценти од испитаниците одговориле дека не се информираат.
Иако на прашањето кој односно каков е изворот од Интернет за политичките теми, истражувачите заклучиле дека највисоко рангиран извор за политички информации, со 90,3% се социјалните мрежи Фејсбук, Твитер, Инстаграм, Јутјуб и Подкаст, а онлајн порталите се значително послабо рангирани со освоени 24%, анкетата не дава одговор кои и чии содржини на посочените социјални мрежи се извори на политички информации.
Без одговор на ова прашање се добива впечатокот дека лицата кои се активни на интернет, од кои најпопуларните се нарекуваат инфлуенсери, се доминантни комуникатори со граѓаните за политички теми и креатори на политички информации, сепак, општо познато е дека главни креатори на постови поврзани со политиката на социјалните мрежи Фејсбук, Твитер, Инстаграм и Јутјуб, се токму онлајн медиумите и веб-страниците на традиционалните медиуми. Имено, медиумите редовно ги споделуваат објавените содржини на нивните веб-страници на социјалните мрежи. Во голем процент, читателите пристапуваат до содржините на онлајн медиумите преку објавите на Фејсбук, на Твитер, на Инстаграм и на другите социјални мрежи. Затоа, тие објави на социјалните мрежи се доминантните политички информации, кои потоа се лајкуваат, се коментираат или се шеруваат.