Во најновиот извештај на европската канцеларија на Светската здравствена организација стои дека луѓето во Европа живеат подолго, но напредокот е загрозен поради ризик факторите како пушењето и дебелината.
Просечно очекуваната должина на животот во 2015 година била 77,9 години што е по повеќе од година подолга отколку во 2010 година. Но, постои јаз од повеќе од 11 години меѓу земјите со највисока и најниска очекувана должина на живеење. Во Луксембург е 83,1 година во споредба со 71,6 во Молдавија.
Пушењето, алкохолот и дебелината се меѓу главните ризик фактори поврзани со начинот на живот кои можат да го поништат напредокот кон шесте клучни цели на Светската здравствена организација прифатени во 2012 година.
Во 2013 година 29% од луѓето во Европа биле пушачи. Пиењето алкохол исто така е најмногу застапено во Европа, во 2014 година во просек биле испиени 8.5 литри чист алкохол по човек. Половина од жителите на Европа се предебели, стои во извештајот на европската канцеларија на Светската здравствена организација.