Европскиот парламент денеска го продолжи своето прво заседание по јунските евроизбори со избор на петмина квестори од редовите на европратениците со мандат од две и пол години.
Од шестмината предложени кандидати за квестори, во првиот круг потребното апсолутно мнозинство од валидните гласови на пратениците кои гласаа го добија четворица и тоа Андреј Ковачев од партијата Граѓани за европски развој на Бугарија (ГЕРБ)/Европска народна партија (ЕПП) кој освои 559 гласа, Марк Ангел од Социјалистичката работничка партија на Луксембург (ЛСАП)/ Прогресивна алијанса на социјалистите и демократите (СД) со 461, Миријам Лексман од словачкото Христијанско демократско движење (КДХ)/Европска народна партија (ЕПП) со 459 и Фабиен Келер од француската партија Ренесанса (РЕ)/Да ја обновиме Европа (РЕ) со 398 гласа.
Останатите двајца кандидати, Косма Злотовски од полската партија Право и правда (ПИС)/Европски конзервативци и реформисти (ЕЦР) и Пал Секереш од Фидес – Унгарска граѓанска алијанса (Фидес)/Патриоти за Европа (ПФЕ) освоија 260, односно 174 и не го исполнија условот за добивање поддршка од мнозинството европратеници кои гласаа.
Вкупно гласаа 669 европратеници, а валидни беа 641 глас, при што за да биде избран на секој кандидат му беа потребни најмалку 321 гласа. Секој европратеник имаше право да гласа за најмалку три, а најмногу петмина кандидати за квестори.
По ова се премина на вториот круг на гласање меѓу двајцата кандидати кои не освоија апсолутно мнозинство во првиот круг. И при ова гласање за да биде избран на кандидатот му требаше апсолутно мнозинство од валидните гласови на европратениците кои го искористија своето гласачко право.
Во овој круг вкупно гласаа 612 европратеници, а валидни беа 465 глас и за да бидат избрани на предложените кандидати им беа потребни најмалку 233 гласа. Злотовски освои 335 гласа со што беше избран за петти квестор, додека Секереш доби 113 гласа.
Функција на квесторите е да ги надгледуваат административните и финансиските прашања кои директно ги засегаат европратениците, а вршат и другите должности што им се доделени со Деловникот или Бирото на Европскиот парламент. Бирото на Европарламентот го сочинуваат претседателот, потпретседателите и квесторите.
Во попладневното продолжение на заседанието европратениците ќе гласаат за бројниот состав на постојаните комисии, поткомисии и интерпарламентарните делегации на Европарламентот, чии членови ќе ги номинираат пратеничките групации во Европскиот парламент. Составот на овие парламентарни тела треба да биде објавен на последниот ден од заседанието в петок.
Потоа европратениците треба да гласаат за Предлог-резолуција за потребата од континуирана поддршка на ЕУ за Украина. Дебатата по оваа тема се одржа претпладнево.
Утре на дневниот ред на заседанието е реизборот за претседателка на Европската комисија, предвидено за в четврток. Утрешното заседанието ќе започне со обраќање на Фон дер Лајен, која пред европратениците ќе ги претстави својата визија и планови за работа за следните пет години, по што е предвидена е парламентарна расправа по презентираната програма за работа.
Гласањето, кое е закажано за во 13 часот, ќе биде тајно, а за да биде реизбрана Фон дер Лајен треба да добие апсолутно мнозинство гласови од вкупниот број пратеници или 361 глас.
Фото: МИА Архива/Скриншот