Ѓорги Наумчевски е производителот чие вино, од македонската автохтона сорта „станушина“, се најде во кантитната на Европскиот парламент (ЕП) заедно со галичкиот кашкавал и медот од Македонската медоносна пчела.
Наумчевски и претставниците од Слоу фуд Македонија во рамки на „Тера Мадре Балкан“ пред европратениците и вработените во ЕП ги претставија и слаткото од диви смокви, како и буковската пипер.
Интересот за нашите производи беше голем, а приемот одличен.
– Горд сум што можам само дел од Македонија да донесам и да претставам тука, во срцето на ЕУ. Очигледно е задоволството на вработените во Еврпскиот парламент од вкусот на нашето вино, кашкавалот, медот,… Гастрономијата е можеби подобар начин за поврзување на луѓето од политиката, изјави Наумчевски.
Николче Николовски од Слоу фуд Македонија оцени дека речиси секој што дојде на штандот покажа интерес не само да проба од понуденото, туку и да слушне повеќе за регионот на потекло, начинот и технологијата на производство, уникатноста на вкусовите.
– Станува збор за автентични производи кои се дел од нашиот идентитет како народ. Европратениците и вработените тука, во Европскиот парламент, беа пријатно изненадени од комплексноста на вкусот на Галичкиот кашкавал, свежината и овошниот сензорен профил на виното од Станушина, како и од медот од асоцијацијата „Макби“. Интересно е да се напомене дека ова се воедно ексклузивни производи кои не може да се најдат на пазарот во ЕУ поради повеќе законски пречки кои во натамошниот процес на интегрирање на Регионот во Унијата и со нашето делување заедно со институциите, ќе треба да се отстранат, истакна Николовски.
Во Кантината на ЕП имаше уште осум штанда со традиционални производи од Србија, Хрватска, Бугарија, Романија, Албанија, Црна Гора, БиХ и Косово. Според Геновева Руиз Калавера, директор за Балкан во Европската комисија, ваквите специјалитети ги приближуваат балканските земји до луѓето во Европската унија, а тоа е многу важно од економски аспект. Калавера истакна дека треба да се работи на јакнење на изворните капацитети за да можат сите да уживаат во производите.
Традиционалните производи од Западен Балкан, како што беше оценето и на конференциите пред дегустацијата во кантитната на Европскиот парламент, може да бидат носители на економскиот и руралниот развој во регионите од каде потекнуваат, но во оваа насока е неопходна поголема институционална поддршка особено од аспект на регулативите, нивна флексибилност и прилагодување кон можностите на малите, традиционални производители.
Дегустацијата на традиционалните производи во кантината на Европскиот парламент беше дел и од одбележувањето на Меѓународниот ден на биодиверзитетот.