Европската централна банка (ЕЦБ) верува дека инфлацијата го достигнала врвот во ноември, што значи дека би било прерано да се зголемат каматните стапки бидејќи растот на цените веројатно постепено ќе забави следната година, рече членката на одборот Изабел Шнабел.
– Се очекува инфлацијата да падне на два отсто следната година, бидејќи проблемите со прекинот на снабдувањето се намалуваат и цените на енергијата паѓаат, изјави Шнабел за телевизијата ЗДФ.
Нејзината сегашна вредност ги одразува прекините на снабдувањето, но и ниските цени минатата година, во екот на пандемијата, објасни претставникот на ЕЦБ.
Според неа, повеќето прогнози всушност се засноваат на претпоставката дека инфлацијата ќе падне под два отсто, „што значи дека навистина нема индикации дека растот на цените излегува од контрола“.
– Доколку очекувавме инфлацијата трајно да остане над нивото од два отсто, сигурно ќе реагиравме. Меѓутоа, во моментов не гледаме индикации дека тоа би можело да се случи, нагласи Шнабел во интервјуто за ЗДФ.