Од почетокот на оваа година, евидентирани се повеќе од 100 големи напади врз хуманитарни работници, објави Европската комисија по повод денешниот Светски ден на хуманитарците.

Во 2020 година, 108 хуманитарци го загубија животот, а 125 беа киднапирани, според податоците за безбедносната на хуманитарни работници (AWSD), пренесува Бета.

„Им оддаваме почит на сите хуманитарни работници што спасуваат животи и им помагаат на најранливите во кризи низ целиот свет“, се вели во заедничката изјава на европскиот министер за надворешни работи Жозеп Борел и комесарот за управување со кризи Јанез Ленарчич.

Борел и Ленарчич велат дека „несебичната посветеност и напори на хуманитарните и медицинските работници“ станаа уште позначајни со почетокот на пандемијата на коронавирусот, што, сепак, не е најлошата закана со која се соочуваат.

Нагласувајќи дека хуманитарните работници не можат да бидат цел, тие ги повикаа сите страни во сите конфликти низ светот да го почитуваат меѓународното хуманитарно право и да се воздржат од напади врз хуманитарни работници и цивили, вклучително и цивилна инфраструктура.

Се наведува дека предизвиците во областа на хуманитарната помош само се зголемија со пандемијата и климатските промени, а проблемот, покрај зголемените финансиски потреби, е и потешкото и опасно доставување помош, рекоа Борел и Ленарчич во заедничка изјава.

Понатаму се наведува дека Европската комисија ќе обезбеди хуманитарно финансирање од речиси 11,5 милијарди евра за периодот 2021-2027 година и ќе продолжи да им пружа поддршка на оние на кои им е најпотребна, се додека им е потребна.

ЕУ, исто така, ќе соработува тесно со партнерите за да ја зајакне издржливоста на оние кои се изложени на ризик и да одговори на нивните потреби.

ОН проценуваат дека хуманитарна помош ќе биде потребна за скоро 235 милиони луѓе во 2021 година, што е за 40 проценти повеќе отколку во 2020 година (пред пандемијата) и речиси три пати повеќе отколку во 2014 година.

Светскиот ден на хуманитарните работници се одбележува на годишнината од бомбардирањето на седиштето на ОН во Багдад во 2003 година, кога животот го загубија 22 хуманитарци.