Европската унија нема повторно да преговара за брегзит односно за договорот меѓу Велика Британија и ЕУ, изјави неименуван европски дипломат. Со тоа тој ја демантираше британската премиерка Тереза Меј која денеска најави нови преговори.

– Нема повторно да почнуваме разговори. Можеби се работи за тоа што „повторно“ значи. Ако мислела за повеќе декларации, гаранции или изјави – тоа можеме. Но, ако навистина сака да почне се од почеток, тогаш – не, изјави дипломатот.

Меј денеска изјави дека ќе побара од ЕУ нови преговори за тоа како Лондон ќе ја напушти Унијата на 29 март. Меј им рекла на членови на владата дека ќе бара правно-обврзувачки измени во врска со контроверзната ирска граница.