Емил Павлов утре, 30 јуни ќе настапи на Европските игри во Минск во последниот ден на игрите.

Најдобриот спортист на Македонија предводен од најдобриот тренер за 2018 година Сашко Арсовски, ќе се обиде да испише уште една страница во блескавата спортска кариера. Емил ќе настапи во категорија – 60 кг во група со актуелниот шампион од претходните Европски игри Ферзалиев од Азербејџан, светскиот шампион Италијанецот Креченцо и домашниот натпреварувач, Белорусинот Булатау.

Без оглед на квалитетот на противниците и нивниот висок рејтинг, со константно добрата форма во изминатите 5 години и по одлично одработените завршни подготовки во хотел „Гогов“ во Пехчево, сите ривали го вбројуваат Емил меѓу главните фаворити за медал. Според пропозициите, најдобрите двајца од групата обезбедуваат пласман во полуфиналето, каде што ќе вкрстуваат со најдобрите двајца од втората група. Борбите во категоријата – 60 кг ќе се одржат утрес о почеток од 09:30 часот.

Освојувачот на 4 европски сениорски медали и двоен европски шампион влезе во историјата на македонскиот олимпизам како прв носител на медал на Европските игри во Баку во 2015 година, на кои беше и прв знаменосец. Според одлуката на Македонскиот олимписки комитет, Емил Павлов ќе го носи знамето на свеченото затворање на ЕИ.

Павлов е единствен македонски спортист кој настапува по вторпат на Европските игри со остварена норма, благодарение на бронзениот медал на европското првенство во Гвадалахара, Шпанија кон крајот на март.