Франција и Германија им објавија војна на „шверцерите со ѓубре“ од Швајцарија, откако алпската земја воведе енормни давачки за собирање на сметот. Граѓаните сакајќи да заштедат од домашниот буџет, ѓубрето го собираат и потоа го „истресуваат“ во контејнери во Франција или во Германија.

Франција, како што објавија повеќе медиуми, меѓу кои и Франс24, ја плаќа цената од „чистотата во Швајацарија“ кои ѓубрето го фрлаат преку граница. Контејнерите се преполни со пластични кеси од швајацарски граѓани, кои во Франција доаѓаат и по поевтин шопинг.

Инаку, од 2012 година во Швајцарија се плаќа данок за специјалните пластични кеси за кантите за ѓубре, па во зависност колку кеси оставаш, толку поголем данок плаќаш. Некои кеси имаат и чипови, па се мери секој грам ѓубре. А, богатите Швајцарци се досетиле како на поевтин начин да штедат – ѓубрето истреси им го на комшиите.

Сега француските цариници повеќе внимаваат на проверка на багажниците во потрага по ѓубре, отколку на шверцери на лажен накит. Само лани во регионот на Безанкон биле фатени 140 Швајцарци кои носеле десет тони смет.

На французите во пограничниот регион им пукна филмот и рекоа „доста ни е од швајцарските туристи со ѓубре“. Колку и да звучи навредливо, неевропски, некултурно, сепак, француските власти презедоа мерки, па освен зајакнати контроли, имаат поставено и камери и постојано следат што се случува на местата каде има поставено пластични контејнери.

Инаку, казната за овие швајцарски ѓубре-туристи е 150 евра.

Во оваа војна се вклучи и јужна Германија кој заедно со швајцарските власти формираа тим за борба со „ѓубреџиите“’ кои најчесто кесите ги фрлаат во пограничните места на Баден Виртнеберг.

И сите не се среќни со овие мерки.

„Со години моето ѓубре го носам таму (во Германија). Никогаш немало проблем, но сега одеднаш тоа не ми е дозволено“, изјавил за швајцарскиот магазин Блик, Фолкер Шулте, универзитетски професор по применети уметности од Швајцарија.

Шулте, иако професор, размислува како да се снајде: „Најдов решение, ќе одам со велосипед“.

Ако некој помисли дека е ова „балкански начин“ сосема се лажете – ова е на тромеѓето меѓу Франција, Швајцарија и Германија – што ќе рече поевропски здравје. Меѓутоа луѓето не сакаат нагли промени, некој да им ги менува навиките преку ноќ.