За заедничката резолуција на Европскиот парламент за која ќе се гласа напладне, се предложени вкупно 17 амандмани.
Со резолуцијата се повикуваат земјите-членки да покажат одговорност кон С. Македонија и Албанија и едногласно да донесат позитивна одлука за започнување преговори на нивната следна средба, јавува дописникот на МИА.
Во предложените амандмани од страна на Обновена Европа се бара во параграфот 1 да се избрише тоа дека С. Македонија и Албанија беа блокирани од Франција, Данска и Холандија.
Понатаму групата Обновена Европа – во која членува партијата на Емануел Макрон, бара во резолуцијата да се додаде дека „еден од аргументите во прилог на одложувањето се фокусирал на потребата за ревидирање на тековниот формат на преговорите за пристапување. Смета дека таков преглед, кој вклучува научени лекции од претходните проширувања, треба да го преземе идната Европка Комисија, заедно со законодавната работа за новиот финансиски инструмент за претпристапување (ИПА III), со амбициозна агенда за подготвеност од страна на Европскиот совет од мај 2020 година во Загреб.
Истите предлагачи доставија и амандман со кој се дообјаснува позицијата на францускиот претседател односно „дека амбициозна, кредибилна и задоволителна политика за проширување за сите страни бара процес на длабински институционални реформи на Европската унија“, забележува дека претстојната конференција за иднината на Европа ќе биде од најголемо значење за да го отвори патот за вакви реформи, а кредибилитетот на Унијата како целина и во процесот на проширување бара брзо воспоставување јасна програма за внатрешни реформи.
Европратениците Ларс Патрик Берг, Гидо Реил и Јорг Меутхе, пак, бара да се замени длабокото жалење за незапочнувањето на преговорите со „поздравување одлуката на Европскиот совет од 17 октомври 2019 година за одложување на започнувањето на пристапните преговори со Албанија и С. Македонија; нагласувајќи дека одбивањето на Европскиот совет да даде зелено светло за започнување на пристапните преговори, ја рефлектира загриженоста на одделните земји-членки во однос на безбедноста и благосостојбата на нивните граѓани и разумната употреба на нивните системи за социјална заштита.“
Истите европратеници се на спротивно мислење од мнозинството и со амандман бараат да се внесе во резолуцијата дека се „жали што реформите во правосудството кои имаат за цел зајакнување на независноста, одговорноста и професионалноста на судството постигнаа мал напредок“. Тие забележуваат „со загриженост дека имало мало подобрување во борбата против корупцијата и организираниот криминал; дека корупцијата на високо ниво и сериозните недостатоци во владеењето на правото продолжуваат да ги обесхрабруваат инвестициите во Албанија и С. Македонија и го отежнуваат нивниот развој.“
Понатаму тие ја повикуваат новата Комисија да учи од грешките направени во претходните политики; во овој поглед се потсетува дека пристапувањето на Романија и Бугарија довело не само до одлив на мозоци, туку и до силен прилив на сиромашни мигранти во побогатите земји во Западна и Северна Европа и потенцираат дека ова создало многу социјални проблеми во многу градови и земји.
Со уште еден амандман тие нагласуваат дека апсорпциониот капацитет на ЕУ и одобрувањето на граѓаните на земјите-членки треба да биде пресуден критериум во процесот на проширување на Унијата.
Од друга страна Ката Пири и Тони Пицула од групата на Социјалистите и демократите бараат во резолуцијата да се вметне фактот дека „со оглед на тоа што историските договори склучени со С. Македонија претставуваат значаен дипломатски напор и политички успех; дека тие претставуваат симбол на стабилност и помирување низ целиот регион на Западен Балкан; со оглед на тоа што овие договори го подобрија и духот на добрососедските односи и регионалната соработка и го отворија патот за европска интеграција на таа земја“.
Грчките европратеници од Сириза бараат исто така да се вметне во резолуцијата дека „историскиот Договор од Преспа со Грција, го реши долгогодишен спор и обезбеди регионална соработка и добрососедски односи во регионот“.
Тие исто така изразуваат длабоко разочарување од неможноста на Унијата да се согласи за започнување на пристапните преговори со Македонија и Албанија, заради блокирањето на Франција, Данска и Холандија, забележувајќи дека оваа одлука го покажува недостаток на визија на Унијата и кризата со којашто таа се соочува.