Европскиот суд на правдата (ЕСП) денеска ќе донесе одлука за тоа дали може да бидат намалени финансиските средства од Европската унија за земјите-членки кои ги прекршуваат демократските стандарди, случај со големи импликации за Полска и Унгарија. Медиумите посочуваат дека по денешната одлука може да бидат скусени милијарди евра наменети за Полска и Унгарија.
Новиот механизам на ЕУ за санкционирање има за цел да ги казни прекршувањата на владеењето на правото во земјите кои се членки на Европската унија преку задржување на средствата од ЕУ наменети за земјата – прекршител на правилата, пренесува ДПА.
ЕУ воведе механизам за санкции откако критичарите ги обвинија владите во Будимпешта и Варшава дека ги поткопуваат стандардите на владеењето на правото, како што е независноста на судството.
Двете земји на ЕУ – за кои Брисел вели дека назадуваат во однос на владеењето на правото – го оспорија механизмот пред ЕСП и бараат таканаречениот „механизам на условеност“ да се укине.
Но, во декември советникот на судот, генералниот адвокат, заклучи дека полско-унгарската жалба треба да се отфрли, тврдејќи дека механизмот за условување е компатибилен со договорите на ЕУ. Доколку судиите денеска донесе одлука со која се потврдува ваквиот став, тоа би ја отворило вратата за Европската комисија да го скрати нивното финансирање, посочува Еуроактив.
Европскиот парламент, кој ги одобрува повеќегодишните буџети на ЕУ, со месеци бара од Комисијата да го стори токму тоа, нагласувајќи дека инструментот за условување е достапен од почетокот на минатата година. Европарламентот дури покрена и сопствена правна постапка, обвинувајќи ја Комисијата за непостапување.
Показател за тоа колку е денешната одлука важна, е и тоа што ЕСП по првпат во живо ќе го пренесува соопштувањето на одлуката.
За таа одлука потоа ќе се расправа во Европскиот парламент, каде еврокомесарот за буџет Јоханес Хан ќе ја застапува Еврокомисијата наместо шефицата Урсула фон дер Лајен, која е повеќе фокусирана на воената криза околу Украина.